Свет
6. May 2020 - 16:03

Британските и американските научници идентификувале стотици мутации на коронавирусот

 Научниците во САД и Велика Британија идентификувале стотици мутации на вирусот што предизвикува Ковид-19, но сè уште никој не успеал да утврди што тоа ќе значи за ширењето на вирусот меѓу популацијата и колку вакцината може да биде ефикасна.

Прелиминарните истражувања од САД посочуваат дека една конкретна мутација – D614G – станува доминантна и може болеста да ја направи позаразна, а веројатно и поопасна, но резултатите од истражувањето сè уште не се официјално објавени, пренесува Би-Би-Си.

Второто истражување на Универзитетскиот колеџ во Лондон (UCL) идентификува 198 повторливи мутации на вирусот. Еден од неговите автори, професор Франсоа Балук, истакна дека мутациите сами по себе не се опасна работа и дека ништо не сугерира дека САРС-КоВ-2 мутира побрзо или побавно од очекуваното.

-Засега не можеме да кажеме дали САРС-КоВ-2 станува повеќе или помалку смртоносен и заразен, рече Балук.

Според истражувањето на Универзитетот од Глазгов, што, исто така, ги анализираше мутациите, овие промени не претставуваат различни видови на вирусот. Шкотските научници заклучија дека во моментов циркулира само еден вид вирус.

Следењето на малите промени во структурата на вирусот е важно за да се разбире развојот на вакцините. На пример, вирусот на грип толку брзо мутира, така што вакцината мора секоја година да се прилагоди за да се справи со специфичниот вид што циркулира.