Македонија
15. March 2021 - 13:33

Британскиот сој доминантен кај новозаболените од Ковид-19 во Кичево

Кај новозаболените од КОВИД-19 во Кичево доминира британскиот сој на коронавирусот.

-Ако пред две седмици кај нас воопшто не беше присутен британскиот сој на КОВИД- 19, денес процентот на новозаболените со овој мутиран вид е доминантен. Причината лежи во фактот што овој вид на вирус е лесно пренослив и не мора да бидете во директен контак со инфицирано лице, доволно е да престојувате во иста просторија и да се заразите.Така, од 11 хоспитализирани во нашата болница, безмалку сите се инфицирани со овој вид на вирус, вели д-р Неџат Балажи, специјалист во Општата болница во Кичево.

Тој појаснува дека добар дел од новозаболените предолго ги лекуваат матичните лекари во домашни услови и кога ќе се влоши состојбата, ги упатуваат во ковид-центарот со високи параметри и во тешка здравствена состојба.

-Зголемената смртност и влошената здраствена состојба на новозаболените се должи пред се на фактот  што матичните лекари предолго ги третираат болните и кога ќе се влоши здравствената состојба ги упатуваат на болничко лекување со висока сатурација и останати влошени параметри, посочи Балажи.

Балажи најави дека од утре ќе почне ревакцинацијата на вработените во кичевската Општа болница, а наскоро ќе следи и вакцинација на целиот здравствен персонал во болницата со руската вакцина.

-Од утре, вторник, ќе започне ревакцинацијата на 44 здраствени работници од нашата болница, кои беа вакцинирани пред 21 ден со „Фајзер“ вакцина, додека деновиве со руската вакцина ќе бидат вакцинирани сите преостанати здраствени работници од нашата болница, по што здравствениот персонал ќе биде целосно имунизиран, нагласи доктор Балажи.