Свет
31. January 2017 - 18:31

Британскиот Парламент на 20 февруари ќе расправа за посетата на Трамп

Британските пратеници на 20 февруари ќе расправаат за т.н. „анти-Трамп“ петиција, што Британиците ја потпишуваат на интернет против посетата на новиот американски претседател Доналд Трамп на Велика Британија.

За време на минатонеделаната посета на Вашингтон, британската премиерка Тереза Меј официјално го покани Трамп да ја посети Велика Британија.

Според британскиот протокол, тоа значи дека Трамп и првата дама Меланија ќе бидат официјални гости на британската кралица Елизабета и ќе престојуваат во кралската Бакингамска палата.

Поканата од Меј за Трамп беше обелоденета истиот ден кога американскиот претседател го потпиша контроверзниот декрет со кои на државјаните од седум муслимански земји им се забранува влез во САД.

Одлуката предизвика бран од негодувања и масовни протести низ САД и ширум светот, вклучувајќи го и Лондон и десетина поголеми британски градови.

Во исто време, почна собирањето потписи на интернет против посетата на Трамп, а посено против рангирањето на посетата како официјална и државна.

Досега на петиицјата се потпишаа повеќе од 1,7 милиони Британци, па Парламентот кој е обврзан да отвори расправа откако ќе бидат собрани преку 100 илјади потписи, реши да се води расправа за посетата на Трамп.

Пратениците ќе расправаат околу барањето не да се откаже целосно, туку да се деградира посетата во работна и службена, што ќе значи без средба со кралицата и престој во кралската палата.

Даунинг стрит 10 реагираше на протестите против посетата со објаснување дека таа е договорена и подготовките за неа ќе продолжат, инсистирајќи дека посетата ќе се реализира по неколку месеци.

Засега не е соопштено кога Трамп треба да престојува во Велика Британија, но познато е дека тој ќе допатува во Европа во јули за Самитот на Г20 што годинава се одржува во Германија.

Противниците на посетата на Трамп тврдат дека во овој момент таа само ќе ја „обрука“ кралицата, додека дипломатски експерти ја обвинуваат Тереза Меј дека избрзала со поканувањето на американскиот претседател како гостин на кралицата, уште додека тој ја немаше формирано својата админстрација, а тој самиот е само десетина дена во Белата куќа.

Лондонските медиуми откриваат дека ниту еден американаки претседател досега не бил во државна посета во првата година на функцијата.