Свет
5. August 2015 - 14:53

Британскиот „Ципрас“ убедливо води во трката за нов лидер на лабуристите

Левичарскиот кандидат Џереми Корбин, убедливо води во трката за нов лидер на британската Лабуристичка партија, покажува последната анкета меѓу приврзениците и гласачите на лабуристите.

Доколку сега би се извршило гласањето, Корбин би освоил 42 отсто од гласовите.

Неговата предност е двојно поголема од поддршката на другите кандидати- поранешните лабуристички министри Ивет Купер, за која се определиле 22 и Енди Барнам за кого би гласале 20 отсто од гласачите.
Најмладиот кандидат, пратеничката Лиз Кендал, има подршка од само 15 отсто од партиското гласачко тело.

Уверливото водство на малку познатиот пратеник, од крајното лево крило на партијата, претставува изненадување во британската политичка јавност.

Во изборната трка тој се пријави како последен и подржан од партиската левица, повеќе за да има и нејзин претставник, отколку за да биде нов лидер на лабуристите.Некои од оние кои ставиле потпис за подршка на неговата кандидатура, сега се повлекуваат од британскиот „Ципрас“ не прифаќајки го неговото левичарење и политиката што тој ја заговара.

Корбин се споредува со лидерот на грчката Сириза и актуелниот премиер на Грција, Алексис Ципрас, затоа што основата на неговата предизборна платформа тргнува од потребата за свртување на лабуристите кон нивните „идеолошки корени„ и кон работниците и работничката класа, како и кон заложбите за укинување на мерките за буџетското штедење, што го спроведува конзервативната влада на премиерот Дејвид Камерон.

Овој левичарски лабурист тврди дека владината економска програма, чија основа е кратењето на буџетот, на социјалните фондови и намалувањето на луѓето во јавниот сектор, е насочена директно против интересите на „британската работничка класа“ и дека ги штити само богатите.

На таа оснива, Корбин успева да ја добие подршката кај лабуристичките гласачи и подржувачи кои се против мерките за буџетско штедење и на моќните синдикати кои традиционално се левичарски определени, но и помага за натамошните идеолошки поделби во партијата.

Британските политички аналитичари тврдат дека евентуалната победа на Корбин не е добра за Лабуристичката партија, која ако делува од крајно левичарски позиции, ризикува да остане маргинализирана подолго време.Ставот на аналитичарите е дека општата клима меѓу британските гласачи ни од далеку не е налик на онаа меѓу гласачите во Грција, па предупредуваат дека еден ултра левичар, на челото на главната опозициска партија, не е добро ниту за Велика Британија.

За Корбин се вели дека може да биде партиски лидер, во еден период на партијата, но тој не може да биде британски премиер, затоа што нема никогаш да добие доволно гласови за да победи на парламентарни избори и да формира влада.

Уверливото водство на Џереми Корбин и неговата „многу веројатна„ победа, може да резултира со расцеп меѓу лабуристите, сличен на оној во почетокот на осумдесетуте години на 20 век, кога Рој Џенкинс, Ширли Вилијамс и Дејвид Овен, ги напуштија лабуристите кои и тогаш делуваа од позиција на ултралевица, свртена кон работничката класа и формираа своја, Социјалдемократска партија.

Оваа нова партија, подоцна се спои со либералите и ја создаде сегашната Либералдемократска партија, додека лабуристите останаа да служат како „топовско месо„ на изборите, за ториевците и за Маргарет Тачер и да бидат во опозиција 18 години.

Изборите за нов лидер на лабуристите се закажани за 10 септември, а резултатите ќе бидат објавени два дена подоцна.