Свет
5. November 2015 - 0:04

Британија: Рускиот авион можеби е соборен со експлозивна направа

Британските власти денеска соопштија дека рускиот патнички авион, што во саботата се урна во Египет, можеби е соборен со експлозивна направа.

- Додека трае истрагата, не можеме категорично да тврдиме зошто рускиот авион се урнал, соопштено е од канцеларијата на британскиот премиер Дејвид Камерон.

- Но како што се повеќе информации излегуваат во јавност, станавме загрижени дека авионот всушност би можел да биде соборен со експлозивна направа, се додава во соопштението.

Како мерка за претпазливост, британската Влада одлучи сите летови од Шарм ел-Шејк до Британија во среда навечер да бидат одложени, со цел британски експерти на пат за тој египетски град, да можат да ги проценат мерките за безбедност на аеродромот.

Руското Министерство за сообраќај, ги отфрли медиумските извештаи дека рускиот патнички авион го собориле терористи, откако огранокот на Исламска држава во Египет на социјалните мрежи ја презеде одговорноста за уривање на рускиот авион.

Авионот „Ербас А321“ на руската авиокомпанија „Когалимавија“, на летот од Шарм ел-Шејк до Санкт Петербург, се урна 23 минути по полетувањето, на околу сто километри од Ариш во Северен Синај, при што загинаа сите 224 патници и членови на екипажот.