Македонија
2. December 2021 - 19:40

Британија прв пат назначува специјален претставник за Западен Балкан

Обединетото кралство ја засилува заинтересираноста за Западен Балкан. По првпат, островската држава назначува специјален претставник, кој треба да се грижи за стабилноста и просперитетот на регионот.

Новата улога ја презема Сер Стујарт Пич, високо воено британско лице и поранешен началник на Генералштабот на Обединетото кралство, кој воедно се повлекува од функцијата претседавач со Воениот комитет на НАТО.

Стјуарт ќе работи на промовирање на силни демократски институции, а ќе помага и во справувањето со организираниот криминал, се наведува меѓудругото во соопштението од британската амбасада во Македонија. 

Од британската амбасада информираат дека фокусот на неговата работа ќе биде ставен на ситуацијата во Босна и Херцеговина, бидејќи Кралството оценува дека земјата се соочува со најголемата закана од нејзиниот повоен период и дека постои реална шанса за конфликт.

Стујарт ќе се посвети и на дијалогот Косово – Србија, но сепак, нема да ја запостави Македонија како дел од Западен Балкан.

Неговото назначување го поздрави и британската амбасадорка во земјава Галовеј.

“Во непосредна соработка со британските амбасади во регионот Сер Стјуарт ќе работи со лидерите од Западен Балкан и со нашите сојузници во поддршка и зајакнување на регионалната стабилност. Неговото назначување е силен сигнал на континуираната британска посветеност на зајакнувањето на нашите врски со земјите од Западен Балкан и на безбедноста и просперитетот на овој важен регион”, вели амбасодрката.

Специјален претставник за Западен Балкан веќе има Европската Унија. Функцијата ја врши Мирослав Лајчак, а претходно ваква улога САД му определи и на Метју Палмер.