Македонија
12. October 2016 - 12:29

Британија ќе плаќа во ЕУ и по Брегзитот ако сака на единствениот пазар

Велика Британија ќе продолжи да уплаќа во касата на ЕУ и по Брегзитот, доколку Владата во Лондон се определи да остане на заедничкиот пазар на Унијата и за себе да обезбеди преференцијални трговски услови, тврди Би-Би-Си, повикувајќи се на неидентификувани владини извори.

Станува збор за износ од околу пет милијарди фунти годишно, што според изворот, е речиси половина од парите што Велика Британија оваа година ќе ги вложи во буџетот на ЕУ, без средствата што Британците ги враќаат назад.

Уплатите по Брегзитот би биле насочени во некои од фондовите на Унијата, а пред се во оние за помош на економскиот развој на новите членки на ЕУ од централна и од источна Европа.

Претставник на Владата во Лондон одби да го коментира пишувањето, објаснувајќи го тоа со решението да не се даваат изјави додека траат подготовките за преговорите со Брисел, околу излегувањето на земјата од ЕУ.

Засега нема никаков коментар ниту од премиерот Тереза Меј, иако извори од владината админстрација во Вајтхол објасниле оти најверојатно Велика Британија ќе мора да продлжи со уплатите, иако формално нема да биде членка на Унијата.

Антиевропејците и Партијата за независност на Обединетото Кралство (УКИП) се најгласни во спротивставувањето на ваквата разврска по референдумот од 23 јуни.

Министерот за Брегзит, Дејвид Дејвис, кој е претставник на блокот против ЕУ, неодамна изјави дека „нема шанси Британија во иднина да и плаќа“ на Европа, но за претстојната дебата околу Брегзит му се најавени повеќе од 170 прашања.

Пратениците, посебно од опозицијата, бараат повеќе сознанија за тоа какви се плановите на Владата за преговорите со Брисел, а лабуристите сега бараат и гласање во Парламентот за позицијата на владинот Кабинет.