Свет
25. September 2016 - 11:00

Британија, Франција и САД побараа вонредна седница на СБ на ОН поради сириската криза

Велика Британија, Франција и САД побараа вонредна средба на Советот за безбедност на ОН, посветена на ситуацијата во сирискиот град Алепо.

Заседанието ќе биде отворено и ќе се одржи во 11 часот по локално време.

Интензивните бомбардирања на делови од Алепо, кои се под контрола на бунтовниците, продолжуваат веќе петти ден по ред. Сириската војска и бунтовниците војуваат за контрола над ридови, кои се наоѓаат во близина на Алепо. Прва значајна победа на сириската армија беше преземањето на палестинскиот бегалски камп Хандарат, на неколку километри од Алепо. Само неколку часа подоцна бунтовниците возвратија на нападот.

- Борбите се жестоки, бидејќи тоа е борба за преживување, изјави висок претставник на бунтовниците.

САД, Британија, Германија, Италија, Франција и ЕУ ја повикуваат Русија да преземе „вонредни мерки“ за обновување на примирјето во Сирија, се наведува во заедничкото соопштение по средбата на министрите за надворешни работи на петте земји и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини.

Дипломатите побараа подобар пристап до хуманитарна помош и продолжување на дипломатските напори за постигнување примирје, но предупредија дека нивното трпение кон Москва „не е бесконечно“.