Свет
8. јуни 2017 - 9:10

Британците гласаат за нов парламентарен состав

Во Велика Британија денеска се одржуваат вонредни парламентарни избори, во сенка на двата терористички напади кои се случија во текот на предизборната кампања, а резултатот од гласањето ќе ја обликува иднината на Обединетото Кралство по излезот од Европската унија. 

Од 07:00 до 22:00 часот, Британците ќе треба да се определат меѓу 3.303 кандидати во 650 изборни единици во земјата, колку што има места во Долниот дом на парламентот. Тоа значи дека за апсолутно мнозинство потребни се 326 пратеници, пренесува Танјуг.

Право на глас имаат полнолетните Британци, потоа државјаните на Република Ирска и земјите на Комомвелтот, како и Британците и Ирците од Северна Ирска кои живеат во странство, а кои се регистрирани во гласачкиот список во Велика Британија во последните 15 години.

Во трка се главните партии – Конзервативната партија на десниот центар, на чело со премиерката Тереза Меј и левичарската Лабуристичка партија која ја предводи Џереми Корбин. Потоа зад нив следат Либерално-демократската партија на левиот центар, потоа популистичката и евроскептичната Партија за независност на Обединетото кралство и левичарски ориентираната Зелена партија.

На претходните избори во 2015 година, места во парламентот освоија и Шкотската национална партија (на левото крило), Велшката националистичка партија Плаид Камри и четири партии од Северна Ирска.

Анкетите навестуваат дека конзервативците се на пат кон победа, но дека и лабуристите можат да основаат влада со поддршка на малцинските левичарски партии.

Британците најмногу ги интересира како новата гарнитура на власт ќе ги решава прашањата за Брегзит, тероризмот, националната здравствена служба, имиграцијата и економијата.

Пред гласањето, истражувањата на јавното мислење покажаа дека трката би можела да биде многу „потесна” од проценките кога Меј ги распиша изборите пред шест недели, но и навестуваат дека нејзината позиција на премиерка останува сигурна.

Додека според некои најнови анкети владејачката партија предначи во однос на лабуристите за само еден процентен поен, некои пак предвидуваат дека конзервативците дури воопшто нема да освојат мнозинство, што би значело дека ќе им треба поддршка од уште една партија за да владејат.

Меѓутоа, прашање е колку може да се верува на резултатите од анкетите, со оглед на тоа дека на претходните избори одржани пред само две години, прогнозите од Институтот за истражување на јавното мислење беа прилично погрешни, што беше случај и по една година, во текот на референдумот за Брегзит.

Мнозинството смета дека Меј има две основни предности, шанса да обезбеди „силно и стабилно лидерство за Брегзит” и фактот дека нејзиниот ривал, лидерот на лабуристите Џереми Корби, многу гласачи го гледаат како слаб и неспособен.

Конзервативната премиерка, која дојде на власт без избори минатата година, откако нејзиниот претходник Дејвид Камерон поднесе оставка, ненадејно во април распиша избори, три години пред рокот, и тоа само по една година на чело на британската Влада.

Меј, која имаше „тенко” работно мнозинство од само 17 пратеници во моментот кога претходниот состав на парламентот беше распуштен, распиша избори во обид да ја зајакне својата позиција на прагот на преговорите за Брегзитот.

Инаку, според британскиот изборен систем, кандидатот со најголем број гласови во секој изборен круг станува пратеник.

Ваквиот систем им отежнува на помалите партии да го зголемат своето учество во парламентот, но помалите партии чија поддршка е сконцентрирана во клучните изборни единици, како што е Шкотската националистичка партија, можат добро да поминат, наведуваат западните медиуми..

Иако фокусот е на партиските лидери, гласачите директно не го бираат премиерот, туку само локалните пратеници.

Новиот состав на парламентот се бира на максимално пет години, што значи дека наредните избори ќе мора да бидат одржани најдоцна до јуни 2022 година.

Од гласањето на Британците ќе зависи кој ќе преговара за излез на Велика Британија од ЕУ во наредните две години, но и за силата на мандатот кој владата ќе го има во парламентот во наредните пет години.

Покрај тоа, новиот британски лидер ќе мора да се фати во костец со последиците од терористичкиот напад во центарот на лондонскиот ноќен живот во саботата навечер, што беше трет исламистички напад во таа земја за помалку од три месеци.

Пребројувањето на гласовите ќе почне веднаш по затворањето на гласачките места и до 9 јуни наутро ќе биде јасно кој победил.

Кралицата Елизабета Втора потоа, најбргу што може, ќе побара од лидерот на партијата која има најголеми шанси за обезбедување на мнозинство во Долниот дом на парламентот, да стане премиер и да основа нова администрација.

Парламентот на 13 јуни ќе се состане да избере свој нов претседател, а тогаш и пратениците ќе положат заклетва.

Кралицата на 19 јуни официјално ќе прогласи почеток на работа на новиот парламент, кога ќе биде прочитана програмата на новата влада за претстојната парламентарна година.