Loading Video...
Ракомет
30. December 2019 - 15:33

Брестовац го објави списокот на 20 ракометари кои ги продолжуваат подготовките за ЕП

Ден по завршувањето на првиот дел од подготовките за настап на Европското првенство, селекторот на македонската ракометна репрезентација Данило Брестовац го соопшти списокот на играчи кои ќе го одработат вториот дел, а кои најверојатно ќе бидат и дел од тимот на шампионатот, во зависност од потребите. 
 
Од дваесетте ракометари кои ги одработија првите подготовки и настапија на дуелите со Кувајт (два), Алжир и Романија, шанса ќе добијат единаесет. 
 
„ Зборував со сите играчи поединечно по натпреварите. Сите добија шанса, некој помалку некој повеќе. Не е спорен квалитетот на играчите, спорен е ритамот. Досега на сите гледавме како млади, сега мора да покажат дека се квалитетни“, изјави Брестовац.
 
Со поискусните, Кирил Лазаров, Гоце Георгиевски, Борко Ристовски, Дејан Манасков, Филип Кузмановски, Филип Талески, Столе Стоилов, Жарко Пешевски и Мартин Томовски, кои го прескокнаа првиот циклус, подготовките ќе ги продолжат, Никола Митревски, Бојан Маџовски, Ненад Костевски, Мартин Поповски, Марио Танкоски, Марко Мишевски, Никола Маркоски, Велко Марковски, Горан Крстевски, Мартин Серафимов и  Мартин Велковски.
 
„Имав состанок и на сите играчи им објаснив зошто се и зошто не се во тимот. Им објаснив што е мојата цел, што им беше задача, што одиграа. Немаше ниту еден коментар или забелешка за изборот“, дополни  Брестовац.
 
По новогодишните празници, односно на 2 јануари македонските ракометари патуваат за Словенија, каде ден подоцна ќе одиграат контролен меч со Словенците, а на 5 јануари ќе ја имаат и последната проверка со Црна Гора, по што заминуваат за Виена каде во рамките од Б групата ќе се надигруваат со ракометарите од Украина, Чешка и ко-домаќинот Австрија.