Бизнис
17. July 2016 - 13:29

Брегзит ќе ги намали приходите на инвестициските банки за осум милијарди долари

Одлуката на Велика Британија за излез од Европската унија најверојатно ќе ги скрати приходите на глобалните инвестициски банки за околу осум милијарди долари и ќе ги принуди осигурителните куќи да излезат од некои сектори, покажува извештајот на Бостон консалтинг груп (БЦГ).

Приходите од спојувања и преземања, продажба на обврзници и трговија со хартии од вредност, според прогнозите на БЦГ најверојатно ќе паднат на околу 204 милијарди долари во 2016 година од 228 милијарди долари во 2015 година, пренесува „Блумберг“.

Станува збор за ревизија на претходниот извештај за очекуваните овогодишни приходи од 212 милијарди долари, што е директна последица од Брегзит и неговиот потенцијал приходите од спојувања и преземања во европскиот регион да ги скрати за дури 60 проценти.

Брегзит, според извештајот на БЦГ, го турна глобалното работење во темна зона, загрозувајќи ги плановите на компаниите за раст или преземања на други фирми.

Според авторите на извештајот за некои банки Брегзит ќе го забрза нивното повлекување и најверојатно ќе ги погоди краткорочните проекции на приходи преку пазарни шокови и губење на довербата, но и долгорочните планови.