Свет
22. July 2016 - 13:48

Брегзит ја сведе британската економија на нивото од април 2009 година

Британската одлука да ја напушти ЕУ, предизвика „драматично назадување“ на економските активности во Велика Британија, што не е забележано уште од времето по банкарската и финансиската криза во есента 2008 година, покажува Парчесинг Менаџерс Индексот (ПМИ) на аналитичката компанија „Маркит“.

Според овој индекс, во текот на јули во Велика Британија е регистриран пад на економските активности на 47,7 поени, што претставува најниско ниво уште од април 2009 година.

Пад бележи како индустрискиот, така и услужниот сектор и тоа и во делот на производството и на нарачки.

Пораст е регистриран само кај британскиот извоз, но тоа се објаснува со намалената вреднист на фунтата.

Извештајот е направен врз следењето на состојбите на повеќе од 650 компании, главно во услужниот сектор, вклучувајќи и фирми во транспортот, бизнис услугите, информатичкиот сектор и угостителството.

Главниот економист на „Маркит“, Крис Вилијамсон изјави дека „падот на британската економија најмногу може да се поврзе со одлуката да се напушти ЕУ“.

Британски економски експерти велат дека овие податоци претставуваат прв знак дека домашната економија „влегува во остро назадување“.

Експерти предупредуваат и на можноста Велика Британија одново да се најде во рецесија, па навестуваат оти централната Банка на Англија ќе мора уште еднаш силно да интервенира за спасување на домашнит пазар и економијата.

Податоците на ПМИ доаѓаат веднаш по навестувањето на новниот британски министер за финансии Филип Хамонд дека во есенскиот извештај на Владата за финанските состојби, најверојатно ќе дојде до преиспитување на економската политика на земјата.

Според министерот Хамонд, тоа сигурно ќе се случи доколку пост-Брегзит движењата покажат потреба од менување на зацртаната економска и фискална политика.