Свет
17. May 2017 - 10:04

Бразилски суд обнови процес што може да доведе до смена на претседателот

Високиот изборен суд на Бразил на 6 јуни ќе го обнови разгледувањето на процесот за евентуални прекршувања на законите при финансирањето на предизборната кампања на поранешниот претседател Дилма Русеф и актуелниот шеф на државата Мишел Темер во 2014 година, јави ТАСС. 

Процесот може да доведе до отстранување од должноста на Темер.

Истрагата започна уште во октомври 2015 година по тужба на членовите на Бразилската социјалдемократска партија, чиј кандидат беше победен од Русеф во вториот круг од претседателските избори.

Тие тврдат дека Русеф и Темер, кој беше нејзин потпретседателски кандидат, користеле незаконски извори за финансисрање на предизборната кампања.

Станува збор за средства добиени преку корупциски зделки од државната компанија за нафта и гас „Петробраз“.

.Адвокатите на Темер тврдат дека тој немал целосна информација за финасирањето на кампањата на Русеф и поради тоа процесот треба да биде поделен на два дела и тие треба да се разгледуваат поединечно.

Доколу судот одлучи дека имало прекршување на законот, тоа може да доведе до оставка на претседателот. Со оглед на тоа што тоа може да се случи во втората половина од мандатот, бразилскиот Устав предвидува следниот претседател да биде изберан од страна на Парламентот и тој би останал на функцијата до истекот на актулениот претседателски мандат.

На 31 август лани мнозинството сенатори во бразилскиот Парламент гласаа за импичмент на Русеф и само неколку часа подоцна Темер официјално стапи на должност претседател на Бразил.