Балкан
28. April 2017 - 8:28

Брату: Брисел треба да помогне во формирање на Заедницата на српски општини во Косово

Шефот на Мисијата на ОБСЕ на Косово, Јан Брату, изјави дека дијалогот меѓу Белград и Приштина што се води во Брисел е дел од регионалниот процес на стабилизација, и дека заради тоа е потребна комуникација со која ќе се решаваат секојдневните проблеми на граѓаните, додека изјавите за национално обединување на Албанците ги гледа како порака кон Европската Унија дека е неопходно да се забрза процесот на интеграција во регионот во Унијата.

Гостувајќи во емисијата „Разговор“ на „РТК2“, Брату оцени дека бриселскиот дијалог е многу повеќе од разговор меѓу Белград и Приштина.

-Тоа е дел од регионалниот процес на стабилизација, до кој се доаѓа со комуникација, со која се решаваат проблемите и се создава доверба. Дијалогот е важен и за процесот на евроинтеграции и затоа треба да се продолжи. Би сакале да го поттикнеме процесот, дијалогот и натаму да тече, би сакале да видиме спогодбите да се реализираат бидејќи реализацијата на техничките спогодби може да ги олесни условите за живот на граѓаните, рече Брату.

Тој наведува дека и натаму има комуникација меѓу Белград и Приштина, но дека не е на нивото од порано.

Брату смета дека официјален Брисел сега треба да им помогне на Белград и Приштина да ги надминат разликите и да почне формирање на Заедницата на српски општини, а ОБСЕ е подготвен да се вклучи во процесот на изработка на статутот и да даде техничка и стручна помош.

- Верувам дека постои волја во Приштина за почнување на овој процес под одредени услови и дека постои волја во Белград за почнување на процесот, но под незначително поинакви услови. Сега на меѓународните партнери е да ја изнајдеме формулата што ќе овозможи отпочнување на овој процес, истакна Брату.