Балкан
5. May 2017 - 14:47

Божо Петров веќе не е претседател на хрватскиот Сабор

Досегашниот претседател на хрватскиот Сабор, Божо Петров, денеска е разрешен од должноста, а за нов претседател на Саборот, владејачката партија го предложи Гордан Јандроковиќ.

За смената на Петров гласаа 103 пратеници, додека еден беше против, пренесе Индекс.хр.

Претседателот на пратеничката група на ХДЗ, Бранко Бачиќ, изјави дека владејачката партија има мнозинство од 76 пратеници за предлагање и избор на нов претседател на Саборот.

- Ние како пратеничка група можевме да предложиме претседател на Саборот и без 76 потписи, бидејќи претседателот на Саборот се избира со обично мнозинство од присутните пратеници. И покрај тоа, сепак, сакавме да собереме 76 потписи за да потврдиме дека Владата има мнозинство во Саборот и со тоа да го зацврстиме легитимитетот на претседателот на Хрватскиот сабор, а тоа ќе биде Гордан Јандроковиќ, рече Бачиќ.

Очекувањата се дека во многу скоро време во Саборот ќе се гласа за новиот претседател на ова тело.

Со потписите на пратениицте од ХДЗ и некои помали партии и независни пратеници, изборот на Јандроковиќ со потпис го поддржа и донеодамнешниот пратеник на опозициската Социјалдемократска партија (СДП), Томислав Сауха, инаку, поранешен шеф на кабинет на премиерот Зоран Милановиќ. Гласот на Томислав Сауха и вчера беше одлучувачки за спас на министерот за финансии Здравко Мариќ, чие заминување од функцијата го бараше  СДП.

Ова ги отвори шпекулациите дека Сауха, кој е под истрага заради исплата на лажни дневници во странство на советниците на Милановиќ, сега е под влијание на ХДЗ. Тој тоа го демантираше, како и ХДЗ.

Се очекува по изборот на новиот претседател, Саборот да одреди пауза во работата, до после локалните избори, закажани за крајот на мај.