Македонија
10. јуни 2019 - 16:19

Божиновски: Предложените измени на изборниот модел ќе значат крај за малите партии

Измената на изборниот модел и воведувањето на една изборна единица со низок изборен праг нема да донесе ништо добро за малите политички партии. Експертите сметаат дека политичката моќ со која располагаат политичките субјекти кои се надвор од големата четворка нема да им овозможи влез во Собранието ниту со најнискиот изборен праг во Европа.

Божиновски смета дека опцијата воопшто да нема изборен праг ќе ги отвори вратите на собранието за како што вели екстремни движења и дополнително ќе го усложни процесот на носење на одлуки.
Божиновски смета дека актуелниот изборен модел овозможува најголема репрезентативност во Собранието и ја елиминира опасноста поголемите средини, како Скопје да добијат значително поголем број на пратеници во однос од помалите градови.

Претседателот Пендаровски викендов преку писмено соопштение ги повика власта и опозицијата да отворат дебата за промена на изборниот модел. Од претседателскиот кабинет изјавија дека ја поддржуваат иницијативата на неколку политички партии за намалување на бројот на изборни единици и воведување на отворени листи без при тоа да прецизираат за кои партии станува збор.
Сител контактираше со лидерите на неколку од помалите политички партии кои велат дека поддржуваат воведување на една изборна единица без изборен праг, но дека за тоа не поднеле иницијатива до Пендаровски. Се сомневаат дека станува збор за креирање на простор за исполнување на барањето на ДУИ од претходните избори за прекројување на изборната мапа и намалување на изборните единици од 6 на 3.
Единствено денеска Бошњачкиот демокартски сојуз кој е дел од коалицијата на СДСМ потврди дека на крајот од минатиот месец побарале од Пендаровски промена на изборниот модел.