Македонија
24. December 2015 - 14:23

Божикна честитка од Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи

Директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Валентина Божиновска денеска упати честитка за големиот христијански празник Божик до скопскиот бискуп и апостолски егзарх во Македонија Киро Стојанов и до сите верници од католичка вероисповед во државава.

- Празникот на радоста и милосрдието е пред нас, и сите ја чувствуваме големата светлина која Бог пред два милениума ни ја испрати во светот и ја запали радосната искра во секое човечко срце. Раѓањето на Спасителот е чудо над чудата, празник над сите празници. Денот на неговото раѓање е ден кога големата светлина во пештерата во Витлеем ја истера темнината на омразата, нетолеранцијата и денот кога започна да се гради патот на нашето спасение. Љубовта кон ближните, споделувањето на радосната вест за Христовото раѓање и нејзиното празнување, се клучот со кој го отклучуваме овој духовен бунар на вечната радост и спасението, истакнува Божиновска. 

Нашата вера, нашата молитва и нашите добри дела, како што се наведува, се нештата кои сите заеднички треба да ги градиме во остварување на мирот, духовниот напредок и општата благосостојба, а воедно тие се и подвиг со кој стануваме совршени човечки битија, како што вели Христос: „Бидете совршени, како што е совршен вашиот небесен Отец!“

- За време на овој голем христијански празник, Ви посакувам многу здравје, радост и во духот на љубовта на овој празник, да ги отвориме нашите срца уште еднаш да ја примат оваа најрадосна вест, радувајќи се на љубовта со која Бог го благослови целиот свет, вели Божиновска во честитката.