Македонија
24. December 2018 - 15:45

Божикна честитка на бискупот скопски и епарх струмичко-скопски Киро Стојанов

Бискупот скопски и епарх струмичко-скопски Киро Стојанов упати честитка по повод празникот Божик, што утре го слават граѓаните на Македонија со католичка вероисповед.

– Драги браќа и сестри, Божик е ден кој нѐ води кон почетоците на христијанствoто, ден кога славиме несфатлив доказ на Божјата љубов кон човекот, а тоа е негово појавување меѓу нас во воплотението и раѓањето на Второто божествено лице – Исус Христос. Браќа и сестри, обраќајќи ви се, како пастир на Католичката црква во оваа поднебие, сакам да ви го објавам овој чудесен Божји план, што и нам денес ни се нуди како на оној првиот Божик. Сепак, како и тогаш и сега е неопходно овој Божик да не биде само споменување и славење, туку настан. Но, затоа е потребно и чин на верата на што сме способни да се отвориме на објавата и да го примиме Божјиот глас кој ни одѕвонува во евангелската наука. И во оваа време кога во многу човечки срца господари темнината и неспособноста да живеат живот достоинствен на човекот ние навестуваме и сведочиме дека Бог спасува, вели во честитката бискупот скопски и епарх струмичко-скопски Стојанов.

Истакна дека темнина паѓа врз вредностите на семејството, темнина владее меѓу човечките односи и се шири цивилизацијата на смртта во која човекот е сѐ помалку човек, а сѐ повеќе бројка и тоа експлицитна од агол на користољубивост. Во времето кога е допуштено уништување на невини и неродени животи, кога во многу земји им помагаат на постарите и болните во умирањето и покрај тие факти, ние, посочи, го навестуваме евангелието на животот: добри луѓе, внимавајте и Бог стана човек.

– Тој е чувар, бранител и оној кој е способен да го излечи нашето страдање и на паднатото човештво повторно да му даде достоинство. Во надеж дека овие денови со повеќе смиреност во секој и во најмалиот брат и сестра ќе го препознаеме Овоплотениот, посакувам на сите мирно, силно и радосно Рождество Христово во кое ќе доживееме: Колку е убаво да се биде човек. И на крајот и најбитното, најголемата радост која ја чувствувам и која сакам да ја споделам со сите вас е најголемиот божиќен дар, а тоа е доаѓањето на Светиот Отец папа Францис во пасторална посета на нашата татковина на 7 мај 2019 година. Молејќи пред новородениот цар, посакувам оваа посета да ни донесе неизмерен мир и благослов!  Мир Божји – Христос се роди!, стои во божикната честитка на бискупот скопски и епарх струмичко-скопски Стојанов.