Македонија
20. December 2018 - 9:33

Божикен концерт со далматински песни во Битола

 Хрватскиот културен центар и Македонско-хрватското друштво „Марко Марулиќ“, во соработка со Центарот на култура, во Битола го одржаа традиционалниот Божикен и новогодишен концерт.

Оваа година беше промовирана далматинската песна за што во Битола поканети беа и учествуваа женска клапа „Тамарин“ од Враниц, кај Солин и машкиот вокален состав „Делмати“, исто така од Солин, истакна Бранко Маретиќ, претседател на МХД „Марко Марулиќ“-Битола.

-Културата е поле на кое луѓето најлесно се зближуваат, а притоа ја запознаваат традицијата и културата на двете држави, посочи тој.

Основната карактеристика на далматинската клапа е тоа што е произлезена од народот, претежно тоа се песни кои ја опеваат љубовта кон татковината, рече Росита Мартиќ, раководител на женската клапа „Тамарин“.

-Дојдовме во Битола со богат репертоар, испеавме и серенади. Последниве три години оваа клапа често е наградувана, а на интернационалниот фестивал во Тоскана освоивме Гран при, потоа прва награда од стручно жири во Братислава, а во Хрватска на фестивалот на женски клапи освоивме прво место. Посебно е чувството кога настапуваме во странство и кога луѓето се воодушевени од клапската песна, посебно музичките професионалци, истакна Мартиќ.

Покрај бројната публика, гости на Божикниот концерт беа и митрополитот г. Петар, градоначалникот на Ресен Живко Гошаревски, претставници на хрватска амбасада во Скопје, членови на хрватската полиција кои се во рамките на европската гранична полиција и други.