Македонија
13. јуни 2018 - 13:15

Бошњаковски: Ова е клучен момент за Македонија и за интеграциите во ЕУ и НАТО

Владата очекува сите политички фактори во Република Македонија да соберат доволно демократски капацитети и да сфатат дека ова е клучен момент за Македонија и за нејзината интеграција во ЕУ и НАТО, изјави денеска портпаролот на Владата Миле Бошњаковски, по денешната куса средба на премиерот Зоран заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров со претседателот Ѓорге Иванов и реакциите на опозицијата за договорот со Грција. 

- Претседателот на Владата и министерот за надворешни работи беа кај претседателот Иванов. Средбата била кратка. Доставен е документот до претседателот, по што  тој изразил желба веднаш да го напушти состанокот. Очекуваме дека сите политички фактори во Република Македонија ќе соберат доволно демократски капацитети да сфатат дека ова е клучен момент за Македонија и за нејзината интеграција во ЕУ и НАТО, рече Бошњаковски.

Најави дека Владата ќе продолжи конструктивно да се однесува и да ги објаснува бенефитите и позитивните работи кои произлегуваат од договорот што ќе биде јавно објавен по следната седница на Владата, која дополнително ќе биде закажана. 

- Владата на Република Македонија има јасно зацртана цел. Се наоѓаме во клучен момент, историски за Република Македонија, за граѓаните, пред нас се наоѓа европерспективата. Очекуваме да станеме триесетата членка на НАТО. Јарболот наскоро ќе биде поставен и очекуваме на него да се вее македонското знаме. Очекуваме сите политички субјекти да бидат свесни, ќе знаат во каква политичка состојба се наоѓаме во моментов, рече Бошњаковски на редовната прес-конференција во Владата. е