Македонија
24. October 2018 - 13:42

Бошњаковски: Ќе видиме што ќе се случува во Собрание

Термините кои минатата недела беа употребени во Собранието и во Владата се помирување и национално обединување, изјави денеска владиниот портпарол, Миле Бошњаковски, на новинарско прашање за изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој вчера побара амнестија за сите учесници во крвавиот четвроток.

-Македонија е правна држава, тоа што следува е да видиме како во рамки на Собранието ќе започне процесот на помирување во однос на настаните од 27 април. Ќе видиме што ќе се случува во Собранието – рече Бошњаковски.

На прашањето по однос на изјавата на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски, дека формирана е нова коалиција меѓу СДСМ, Вице Заев и Сашо Мијалков, Бошњаковски одби да коментира.

-Нема да коментира партиски дневно политички состојби – рече тој.

Во врска со нацрт амандманите за уставните измени, портпаролот на Владата рече дека се работи интензивно на нив и дека Владата се уште нема датум кога ќе бидат доставени во Собранието.

-Но сакаме да ги скратиме роковите најмногу што е можно. Процес ќе биде инклузивен, сите пратеници ќе учествуваат во финалната изработка на истите, и јавноста ќе биде вклучена. За секој нацрт или предлог доставен до Собрание јавноста ќе биде информирана – изјави тој.