Македонија
18. September 2015 - 16:43

Бошков: Да се поттикне вклучување на невработените во формалната економија

Статистичките податоци за намалување на невработеноста  во третиот квартал годинава на 26,8 проценти и за раст од 2,6 проценти на БДП  во вториот квартал, според претседателот на Бизнис конфедерацијата на Македонија Миле Бошков, се во насока на добра креација на идните бизниси и вложувања. 

- Анализите покажуваат бројки кои на некој начин може да дадат сигурност и добра насока за планирање нови инвестиции, стапување во нови деловни контакти или на некој начин стабилизирање или намалување на опасноста за водење бизнис и тие макроекономски показатели на некој начин се во насока на добрата  креација на идните бизниси и вложувања, изјави денеска Бошков, одговарајќи на новинарски прашања пред тркалезаната маса „Кластерите алатка за зголемување на конкурентноста на макеоднските компании“.

Со самото поттикнување на вработувањата, истакна Бошков, навистина се намалува бројот на невработени во Македонија, но се уште мислиме дека 26,8 проценти е голем процент  на невработени за кои сметаме дека треба повеќе да се насочат кон формализирање на своето работење отколку да останат надвор од формалната економија  и нерегистрираниот начин на водење бизнис.

- Бројката од 26,8 невработеност е показател за намалување,  за растење на свеста дека е многу подобро да се работи  во регуларниот бизнис отколку во неформалната економија, а од друга страна  е и поттик и иницијатива или да се размислува понатаму да се донесат  мерки како уште таа бројка да се намали, изјави Бошков.