Живот
29. July 2015 - 11:33

Босанка избркана од пицерија во Хрватска поради „скромна нарачка“

Туристка од Босна и Херцеговина тврди дека неодамна била избрканa од една пицерија во хрватското приморско место Дрвеник, поради, како што вели, „скромна нарачка“, објавија босанските медиуми.

Адвија Зига тврди дека таа и нејзиното семејство седнале во пицерија во Дрвеник и нарачале сладолед и сокови, по што еден од клнерите почнал да ги навредува дека нивната нарачка е „премала“ и дека во пицеријата е „време за ручек“.

- Сопственикот на ресторанот се обиде да го оправда келнерот со зборовите дека пред тоа го налутиле некои шестмина Кинези кои нарачале само една пица, наведува Зига, додавајќи дека за неа тоа оправдување не звучело како доволно добар  изговор.

Таа наведува дека и натаму е уверена оти келнерот кон нив бил нељубезен откако дознал од каде се.

- Покрај нас седеа странски гости кои исто така на масата имаа само пијалок. На нив никој не им правеше проблеми. Но, веднаш стана проблем нашата нарачка - сокови и сладолед, обајснува Зига, која наведува дека веќе неколку години доаѓаат во Дрвеник од Шведска, каде живее со нејзиното семејство, но дека ова е последен пат парите да ги трошат за годишен одмор таму.