Македонија
29. November 2020 - 16:40

Борисов за ФАЦ: Македонците се насилно преобратени бугари

Компромис е можен, но само преку прецизирање на историските и прашањата поврзани со македонското малцинство во Бугарија. Во интервју за германскиот весник Франкфуртер Алгемајне Цајтунг бугарскиот премиер вели дека тоа е единствениот начин да се излезе од т.н. ќор-сокак во кој заглавија македонско-бугарските, а со тоа и преговорите за членство на Македонија во Европската Унија. Според Борисов, Бугарија ја поддржува Македонија, дури и повеќе од Германија, чија цел е да ги отвори пристапните преговори за време на нејзиното претседателство со Советот на ЕУ.

“За мене беше големо изненадување што неодамнешната резолуција на Европскиот парламент за Бугарија го покрена прашањето за наводно македонско малцинство во Бугарија. Во Бугарија нема македонско малцинство. Какво македонско малцинство треба да има во Бугарија? И бидејќи социјалистите во Бугарија гласаа за резолуцијата во Европскиот парламент, тие очигледно исто така веруваат дека такво малцинство живее со нас. Наместо да водиме позитивна дебата за европскиот пат на Република Северна Македонија, сега одиме кон една сосема поинаква дебата. Морам да кажам дека навистина сум загрижен за овие случувања“, истакнува Борисов.

Толкувајќи ја историјата, Борисов за угледниот германски весник тврди дека по Втората светска војна Бугарите во Македонија биле принудени да се нарекуваат Македонци.

“Компромис е можен. Но, исто така, мора да ја знаете приказната. Бугарските комунисти и Комунистичката интернационала, контролирани од сталинистичка Москва, сакаа од идеолошки причини по Втората светска војна Бугарите во Македонија насилно да ги претворат во Македонци. Бугарите таму беа принудени да се нарекуваат Македонци. Ако сега во процесот на влез во ЕУ се појават одредени заблуди и јас не реагирам, моите политички противници ќе речат: Борисов ја продава бугарската историја и се витка под притисок на европските партнери”, истакна Борисов.

Во интервјуто насловено “Зошто имавте пари, злато и пиштол на вашиот кревет, премиере?”, Борисов зборува и за позицијата на неговата земја во ЕУ, по неодамнешните обвинувања од Европскиот парламент дека Бугарија ги злоупотребила европските фондови и одбива да ги почитува основачките договори на Европската унија.