Балкан
20. February 2021 - 14:13

Борисов: Спасот е во моќната армија на луѓе со антитела и вакцинирани

Бугарскиот премиер Бојко Борисов објави на својот фејсбук-профил дека „спасот е во оние луѓе кои развиле антитела по заразата со коронавирус и моќната армија од вакцинирани“.

Тој истакна дека вчерашниот ден завршил со 14.000 вакцинирани.

– Се вакцинираат од седум часот наутро. Го оставив министерот Ангелов во редиците. Оние што чекаат сега, нека видат како се вакцинираат луѓето. Ова е спасот, коментира премиерот Борисов, јави дописникот на МИА од Софија .

– Сите бугарски граѓани кои сакаат да бидат вакцинирани треба да го сторат тоа колку е можно побрзо. Јас ги назначив да следат министерот за здравство професор Костадин Ангелов, Националниот оперативен штаб и штабот за вакцинација. Четвртата фаза од планот за вакцинација ќе биде заедно со другите фази. „Зелени коридори“ ќе бидат формирани во болниците во Бугарија за да може процесот да се забрза, вклучително и за време на викендот, напиша премиерот Борисов.

Тој нагласи дека до крајот на денов ќе пристигне и испораката од 57.600 дози на Оксфордската вакцина.

– Следната недела очекуваме нови 180.000 дози од трите одобрени вакцини за употреба, а во март ќе ни испорачаат околу 500.000 дози. Европската агенција за лекови ја започна последната фаза за проценка на документацијата за четвртата очекувана вакцина на компанијата „Џонсон и Џонсон“. Обезбедивме доволно вакцини за бугарските граѓани, нагласи Борисов.