Македонија
16. May 2018 - 21:58

Борисов: Што е можно побрзо да се реши спорот со името

Бугарскиот премиер Бојко Борисов денеска од Софија изрази надеж дека што е можно поскоро ќе се реши спорот со името меѓу Македонија и Грција.

Борисов ова го изјави еден ден пред официјалниот почеток на Самитот ЕУ-Западен Балкан што се одржува во Софија, како и ден пред новата тет-а-тет средба меѓу премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, која ќе се одржи на маргините на Самитот, утре во 10:30 часот по бугарско време, јави известувачот на МИА од Софија.

- Се надеваме дека конечно ќе се реши спорот со името на Македонија. Тоа е ваша работа. Ние само се надеваме, немојте да помислите дека ви солиме памет, реле Борисов на конференцијата „Дијалог со Западен Балкан: создавање на регион на раст, безбедност и поврзаност на патот кон Европа, која се одржа еден ден пред утрешниот Самит ЕУ-Западен Балкан.

Нагласи дека полека, со дијалог, методично, чекор по чекор на крај сите се согласиле и ќе присуствуваат на Самитот. 
 
- Македонија има 11 милијарди БДП, Србија, 41 милијарда, Албанија 13 милијарди, Косово осум милијарди, Босна и Херцеговина 17 милијарди, Црна Гора четири милијарди, а Бугарија 57 милијарди, појасни бугарскиот премиер, чија земја како претседавач на ЕУ е домаќин на Самитот во Софија.
 
Според него, земјите од Западен Балкан според БДП повеќе наликуваат на Словачка, отколку на Романија. 
 
- Што е толку страшно, зошто толку се плашите, ги праша тој европските лидери во однос на интегрирањето на регионот во Унијата. 

На конференцијата присуствуваа политичари и претставници на невладини организации од земјите од регионот и од ЕУ.

Главна тема е европската перспектива на земјите во регионот и начините за нивно поврзување.

Бугарија е домаќин на Самитот ЕУ - Западен Балкан на кој присуствуваат лидерите на 28 земји членки на ЕУ и шефовите на држави и влади на земјите од Западен Балкан.