Македонија
23. November 2020 - 16:26

Борисов: Бугарија отсекогаш била подготвена за дијалог и разбирање за решавање на билатералните прашања со Македонија

 Бугарија отсекогаш била подготвена за дијалог и разбирање за решавање на билатералните прашања со Република Македонија, но тоа мора да биде  посакувано и спроведено од двете страни, напиша на Фејсбук бугарскиот премиер Бојко Борисов, по видео-конференцијата со амбасадорите на земјите членки на ЕУ и Швајцарската конфедерација на која се разговарало за мерките против коронавирусот и европската перспектива на Западен Балкан.

– Токму за време на бугарското претседателство со Советот на ЕУ, нашата земја ја стави високо на агендата на ЕУ за европската иднина на Западен Балкан, кажал Борисов.

Шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева,пак, во меѓувреме во интервју за Канал 3 изјавила дека „многупати и подадовме рака на Република Македонија, дури и во нивните најтешки моменти, но од друга страна гледаме непријателство и неискреност“.

-Се надевам дека емоциите ќе стивнат, бидејќи веќе го намаливме бројот на негативни написи против Бугарија кај нашиот југозападен сосед. Би сакала да потсетам дека според договорот двете земји имаат обврска да ги запрат сите вакви манифестации на омраза, рекла Захариева.

Според неа, Бугарија била балансирана во односите кон Скопје. – Подадовме рака во 2017 година, кога дојде новата Влада на Зоран Заев. После тоа, почна да се забележува се побавно спроведување на Договорот за добрососедство. Не само во историскиот дел, туку и за инфраструкурните проекти, јазикот на омраза и др.., рекла Захариева.