Свет
16. February 2017 - 16:05

Борис Џонсон ќе ги тужи странските амбасади за неплаќање „заштитна такса“ за возење низ Лондон

Британскиот министер за надворешни работи Борис Џонсон ќе поднесе тужби пред меѓународните судови против државите кои имаат свои дипломатски мисии во Лондон, а не сакаат да плаќаат „заштитна такса“’ за возење на нивните дипломати низ центарот на британскиот главен град, објави „Тајмс“.

Властите во Лондон сметаат дека странсите дипломати мора да ја плаќаат оваа такса, исто како и жителите на Лондон и гостите во градот, кога со своето возило минуваат низ строгиот центар на градот.

Ваквата такса, позната како „конџешчн чарџ“, беше воведена пред петнаесетина години со одлука на градските власти на Лондон, како мерка со која треба да се спречи задушувањето на центарот на градот од многу возила и од блокирање на сообраќајот, како и за негова заштита од преголема загаденост.

Таксата која чини десет фунти дневно задолжителното се плаќа во периодот од осум до 18 часот .

Ваквата мерката уште на стартот беше оценета како контроверзна, но под притисок на екологистите оваа посебна такса не беше укината, иако критичарите твдат дека таа не придонела за намалување на приливот на возила во центарот на Лондон, но затоа обезбедува дополнителен и висок приход за градската каса.

Странските дипломатски мисии и дипломатите од самиот почеток се противат на тоа да ја плаќаат „заштитната такса„ сметајќи дека таа е во спротивност со Виенската конвенција за работењето на диломатските мисии.

Двајца поранешни градоначанци на Лондон, лабуристот Кен Ливингстон и конзервативецот Борис Џонсон, актуелниот шеф на британската дипломатија, меѓутоа тврдат дека „еколошката такса“ не е дел од Конвенцијата која се однесува на неплакање даноци кон британската држава, туку е само такса за градот, од која никој не би требало да биде ослободен.

Расправијата трае повеќе од една деценија, а некои држави досега воопшто ја немаат платено оваа такса и имаат голем долг кон градските власти.

Според „Тајмс“, дури три четвртини од државите кои имаат свои мисии во Лондон одбиваат да го плаќаат овој, како што го нарекуваат, екстра данок.

Тие се повикуваат на Конвенцијата, но се бранат и дека мора да бидат ослободени, затоа што речиси сите амбасади и странски мисии се наоѓаат во центарот на градот, во реонот во кој се плаќа „заштитната такса„.

Долгот на овие амбасади изнесува над 100 милиони фунти, а меѓу најголемите должници се мисиите на најбогатите земји - САД, Јапонија и Германија, како и на Русија, Индија и Нигерија.

Компанијата „Транспорт оф Лондон“ која стопанисува со оваа такса, сега бара од Форин Офисот да интервенира во овој случај, со тужба до Меѓународниот суд за правда во Хаг.

Компанијата бара Судот да пресуди дали странските дипломати треба да плаќаат или ќе бидат ослободени од оваа обврска, што за градот ќе значи и дека не ќе може да го наплати стариот долг.