Балкан
1. April 2020 - 8:51

Борел: Целосното укинување на таксите е важна одлука

Шефот на дипломатијата на Европска Унија, Жозеп Борел синоќа ја поздрави одлуката за целосно укинување на таксите за артикли од Србија и од Босна и Херцеговина, што ја донесе косовската Влада.

– Станува збор за важна одлука. Регионалната соработка е клучна, како и одржување на проток на стока,, посебно во услови на криза со Ковид-19, напиша Борел на Твитер.

Тој повеќе пати апелираше до Приштина да ги укине таксите за производи од Србија, нагласувајќи дека тоа е предуслов за продолжување на дијалогот за нормализација на односите Белград- Приштина.

Косовскиот премиер во оставка Албин Курти синоќа објави дека од полноќ стапува во сила одлуката на Владата за укинување на таксата од 100 отсто на увозот на производи од Србија и Босна и Херцеговина, јави дописникот на МИА од Приштина.

Тој истакна дека е одлучено да започне спроведувањето мерки на реципроцитет кон Србија, а кои нема да се однесуваат на БиХ.

–  Ова е мерка за спроведување постепен реципроцитет како принцип во односите со Србија. Во трговските односи називите кои се користат во документите треба да бидат во согласност со Уставот на Република Косово и законите кои се во сила (…) За одлуката која ја носиме вечерва се задолжуваат да ја спроведуваат граничната полиција, царините, Агенцијата за храна и ветеринарство, Агенцијата за медидицински производи и опрема, како и другите надлежни институции, изјави Курти.

Тој нагласи дека одлуката, која стапува во сила ноќеска на полноќ, е со важност до 15 јуни, кога ќе се согледаат ефектите на нејзината примена.