Фудбал
3. August 2018 - 9:53

Бонучи среќен што се вратил дома, навивачите го исвиркаа

Италијанскиот репрезентативец Леонардо Бонучи предизвика контроверзни емоции при неговото враќање во Јувентус.

Дел од навивачите на „старата дама“ се задоволни дека Лео повторно ќе биде дел од тимот, но други не можат да му простат затоа што пред една година избра да премине во Милан и во дербито помеѓу двата тима се израдува бурно по голот против „бјанконерите“.

При пристигнувањето на аеродромот вчера тој не беше пречекан од приврзаници на Јуве, а подоцна подели неколку автограми и се сликаше со неколку навивачи пред медицинските прегледи. Сепак, имаше и свирежи и навреди на негова адреса. Некои од поддржувачите иронично извикуваа: „Ние сме тука за Роналдо, каде е Роналдо?“

Но, самиот Бонучи е многу задоволен што ќе игра за Јуве.

- Беше тешко да замислам дека тоа може да се случи, но фантастично е дека веќе е факт. Јас сум возбуден. Торино е мојот дом и јас сум многу среќен што повторно сум тука, изјави дефанзивецот пред официјалниот канал на клубот на Јутјуб.

Бонучи освои шест последователни титули со Јувентус, но по крајот на сезоната 2016/17 се скара со тренерот Масимилиано Алегри и сензационално потпиша со Милан. Сега тој се враќа на „Алијанц“ стадионот, а во обратна насока презеде Матија Калдара.