Македонија
19. April 2019 - 16:10

Бомби и пред овие избори - кој ги објавува?

Министерството за внатрешни работи во соработка со Јавното обвинителство отворија истрага новообјавените прислушкувани разговори. На шесте нови бомби кои деновиве се објавуваат на интернет, се слушаат гласови на политичари од актуелната власт и опозиција, а се објавени од корисник со псевдоним  „Илија Громовник“.   

Од МВР најавија дека јавноста ќе биде дополнително информирана за текот на истрагата.

„Согласно надлежностите започната е истрага во врска со објавените телефонски разговори. За текот на истрагата јавноста дополнително ќе биде информирана“, соопштуваат од министерството.

Како разговорите стигнале до јавноста се прашува и премиерот Заев. Очекува конкретни резултати од истрагата и вели дека новообјавените бомби се дел од пакетот бомби кои се предадени на Специјалното јавно обвинителство.

 Иако Заев вели дека новите бомби се дел од разговорите предадени во СЈО, од обвинителството велат дека сепак ќе проверуваат дали  овие новообјавени разговори ги имаат во нивните материјали. Тврдат дека разговорите не протекле од нивната институција.

Силни критики кон Заев упати и лидерот на опозицијата, нарекувајќи го актуелниот премиер воајер.

Прислушкуваните разговори беа масовно објавувани во 2015-та година од тогашната опозиција која подоцна материјалите му ги предаде на СЈО. 

Но оттогаш во неколку наврати на социјалните мрежи протекуваа нови разговори, за кои Министерството за внатрешни работи се уште не знае од каде поттекнуваат ниту пак кој ги објавува.