Македонија
19. February 2020 - 17:13

Бомбата за „Рекет“ кај Рускоска, Вице Заев демантира било какви средби со Кичеец

Аудио снимката што одекна во собранието е во рацете на Русковска.. Антонио Милошоски ги предаде во обвинителството диктафонот и транскриптот за кои се претпоставува дека го поврзуваат екс премиерот со случајот „Меѓународен сојуз“.

„И самиот аудио запис и транскриптот даваат еден сероизен сомнеж дека поранешниот премиер, господинот Заев, подолго време знаел за начинот на финансирањето на Меѓународниот сојуз кој што не бил легален, и помагал според неговата изјава во тој запис, за финансирањето на 1ТВ. Би било најдобро, доколку обвинителството одлучи да го повика господинот Зоран Заев да даде изјава по однос на самиот материјал и содржината во која тој е главниот говорник“, изјави Антонио Милошоски. 

Од обвинителството велат дека Милошоски доставил аудио материјал за кој по преслушувањето и анализа на истиот, ќе биде донесена јавнообвинителска одлука за понатамошно користење на материјалот.

СДСМ негира вмешаност на Заев во случајот за кој говори Милошоски.. Велат дека е обид да се спаси од бомбите во кои се слушал неговиот глас.

„Јас сум цврсто убеден дека не станува за никакво компромитирање на претседателот на партијата, напротив би рекол дека станува збор за сериозен страв и паника кај поранешниот колега Антонио Милошоски по донесувањето на законот за ЈО. Би му порачал наместо да пробува да прави било какви драмолетки во јавноста и да ги манипулира граѓаните, нека си спрема добри адвокати затоа што ќе му требаат“, изјави портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов.

Во меѓувреме, Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, побара одговор од Заев дали се среќавал со Катица Јанева додека траела истрагата за Рекет, но и дали неговиот брат се среќавал со Зоран Милевски – Кичеец. Според Николоски, ПИ мерките врз осомничените покажале дека случајот е државен рекет во кој се вмешани премиерот и неговиот брат.

Објавување на видео и аудио материјалите обезбедени со ПИ мерки побара и братот на екс премиерот кој во писмана изјава вели дека ВМРО-ДПМНЕ сака да го наруши политичкиот углед на Зоран Заев.

 „Изнесените невистини дека сум се среќавал со лицата осомничени за овој случај, дека сум седел, дека ме имало на некои снимки ги демантирам, тоа не е точно. Обидите за мое инволвирање на било каков начин во валканата политичка кампања сметам дека е намерно, лажно и тенденциозно со единствена цел, да му се наштети на Зоран Заев и политиките кои ги спроведува“, пишува Вице Заев.

На судењето за Рекет, Боки 13 посочи дека на една од снимките обезбедени со ПИ мерки, се гледаат Вице Заев и неговиот адвокат на средба со осомничен во предметот.