Македонија
27. September 2022 - 16:33

Болниците тонат во долгови, ќе недостасуваат ли средства за работа?

Алармантна сума достигнаа долговите на клиниките и болниците. Дури 104 милиони евра или 6,5 милијарди денари должат здравствените установи кон фондовската каса, ни потврдија од Фондот за здравствено осигурување. Во минус оделе со години, но сега во услови на економска криза и енормно високи сметки за електрична енергија прашање е дали лекарите ќе имаат со што да работат. Според информации на Сител веќе има болници кои не можат да завршат основни тендери за средства за хигиена, а други пак немаат доволно медицински материјал за операции. Министерот за здравство, пак, тврди дека долговите на здравствените установи била нивна надлежност.

-Долговите за електрична енергија, за опрема, за материјали сето тоа е надлежност на МЗ. Дали опрема ќе ја плати клиника, дали МЗ или Фонд тоа сепак е истиот буџет што го делиме институционално за добробит на здравството, вели Беким Сали, министер за здравство.

Информацијата за долговите во здравството и високите сметки за струја веќе биле елаборирани во Влада и барале начини како да ги надминат, вели министерот Сали кој уверува дека парно и електрична енергија ќе има во здравствените установи. Клиниките должници, пак, се надеваат дека ќе ја пребродат тешката зима.

-Здравство ќе функционира како и во изминаттие 30 години и ќе има и струја и топлинска енергија, вели Сали.

-Се надевам ќе бидеме во можност и сето тоа во преговорите со Фондот дека ќе добиеме поголеми буџети како што ветија, вели Др. Дејан Докиќ директор на Клиника за пулмологија.

Од Фондот ни одговорија дека на следниот Управен одбор ќе одобрат 490 милиони денари за исплата на долгови, што пак не е ниту една дванаесетина од вкупниот долг. Инаку, најголем должник е Клиниката за онкологија која е во минус повеќе од 600 милиони денари.