Македонија
7. May 2020 - 16:49

Боки-13 во судница: Сите сакаа да згасне СЈО

„Никогаш не сум ја допрел чантата Луј Витон во која наводно имало 1,5 милион евра“, вака пред судот се бранеше обвинетиот во „Рекет“, Бојан Јовановски. Вели дека по излегувањето од домот на Камчев, заминал кај своите родители, а чантата останала во автомобилот на веќе осудениот Зоран Милевски-Кичеец. Обвинителството тврди дека има докази оти парите од рекетот завршиле во рацете на Јовановски.

Јовановски ја обвини Русковска дека имала негативен став за СЈО и обвинителката Јанева и како што рече во судницата предметот бил конструиран за уривање на специјалното обвинителство, бидејќи за тоа интерес имале и власта и опозицијата. Додаде дека тогашниот премиер му открил оти заедно со Катица Јанева биле следени од странски служби. Ова го негираше Заев кој вели дека не молчел кога имал сознание за можен криминал.

Јовановски рече дека жали што неговиот телефон не бил вештачен, бидејќи во него имало докази за кривична одговорност на обвинителката за случајот „ДИАМЕД“. Русковска пак не верува во ниту еден збор на обвинетиот Јовановски.

Речиси пет часа Боки 13 одговараше на прашања од неговиот адвокат.. Неколку пати повтори дека видеото во кое се гледа чантата со пари е груба монтажа и тоа не може да биде доказ..

Својата одбрана, Јовановски ја заврши со ветување дека тој ќе биде идниот лидер на државата бидејќи е политички затвореник.

Судењето за „Рекет“ продолжува утре со исказ на поранешната ообвинителка Јанева.