Македонија
29. January 2020 - 17:12

Боки 13 најави докази за корупциски случај тежок 4 милиони евра, во судница продолжи сведочењето за „Рекет“

Обвинителката Вилма Рускоска е вмешана во корупција тешка 4 милиони евра. Вакво обвинување испорача Бојан Јовановски на денешното судење за „Рекет“. Рече дека бара изземање на Рускоска, оти повеќе не ја смета за надлежна по предметот.

„Каде да го пријавам лицето Вилма Рускоска за корупција од 4 милиони евра за кои имам несоборливи докази?“, праша во судницата Јовановски.

Тој додаде оти заедно со својата одбрана сака да поднесе пријави против 19 лица. Сепак неговиот адвокат вели дека не знае какви сознанија имал Јовановски.

„Тоа ќе треба да го прашате Бојан, тоа не беа мои зборови. Јас сум бранител негов, Јас него го поддржувам, но он има некои сознанија што не мора да ги подели со мене. Слободно, Јас ќе ви помогнам, можете да го прашате и ќе ви објасни детално во врска со тоа“, изјави Сашко Дуковски, адвокат на Бојан Јовановски.

Обвинителката Рускоска во телефонски разговор за Сител рече дека сите што поседуваат докази за нејзина вмешаност во корупција, да ги информираат надлежните институции.

„Јас ги охрабрувам сите што имаат докази за мене или било кој за сторено кривично дело, веднаш да пријават во полиција. Кривични пријави се поднесуваат и до обвинителството, но во пракса, тоа најчесто се прави до Министерството за внатрешни работи“, изјави Рускоска.  

Животот на Јовановски, во судот го опиша неговата кума, апелацискиот судија, Мери Дика Ѓорѓиевска. Според неа тој потекнувал од средно имотно семејство, но неговата материјална положба се подобрила кога почнал да се занимава со проекти за помош на ранливи категории граѓани. Дика Ѓорѓиевска рече дека патувала надвор од државата со мајката на Јовановски ама не се интересирала за неговите приходи.

„Парите кои ги поседуваше Бојан, мислам дека беа од тоа што го работеше, но неговата мајка не ја прашував од каде се парите“, објасни неговата кума.

Пред судот сведочеше и Лила Стојановска која финансиски му помогнала на Боки 13 по отворањето на 1ТВ.

Управителот на салонот за мебел од каде Јовановски зел гарнитура за седење, која според обвинението завршила во домот на Јанева, објасни дека мебелот не бил уредно платен.. Адвокатот на Јанева пак и приложи извештај од каса прими на сума од 2.700 евра со која се гарантирало дека долгот ќе биде платен.

„Дел од обвинението е дека примила некаков мебел заради некакво можно. Тие пари се однесуваат на тој мебел, така што мислам во тој дел обвинението нема ни да опстои“, изјави Ирена Фрчкоска, Адвокат на Катица Јанева.

Судењето за Рекет продолжува утре. Обвинителството ќе презентира материјални докази.