Бизнис
7. July 2017 - 20:29

Богов: Стабилизацијата на политичката криза се очекува да има позитивни ефекти врз економијата

Потребни се неколку месеци за да се види ефектот од политичката состојба врз економијата, но за очекување е изборот на нова влада да придонела за подобрување на сентиментот во стопанството, порача гувернерот Димитар Богов.

- Останува да видиме во наредните неколку месеци дали ќе дојде до политичка стабилизација икако тоа ќе се одрази на економијата. Изминативе години приватниот сектор чувствуваше несигурност и неизвесност и се воздржуваше од потрошувачка и инвестиции. Се уште е рано да процениме, немаме индикатори за јуни, но логично е да има подобрување на сентиментот, рече Димитар Богов, гувернер.

Прашан за идното движењето на каматите на банките Богов рече дека тие веќе се на историски најниско ниво, но на нив може да влијае политичката состојба.

- Каматите се на историски најниско ниво и покрај високиот ризик кој го донесе политичката нестабилност. Секако дека стаблизиација на политичкиот амбиент би можела да придонесе за намалување на таа премија, оцени Богов.

Гувернерот очекува Собранието со широк консензуз да ја избере Анита Бежоска за уште еден мандат како вицегувернер.

Народната банка во Охрид го одржа десеттото јубилејно издание на Конференцијата на НБРМ за плаќања и пазарна инфраструктура.