Бизнис
19. April 2016 - 9:36

Богов: Економијата стабилна, нема опасност од девалвација на денарот

Македонската економија е стабилна, а стабилен останува и денарот, порача гувернерот на Народната банка на Република Македонија Димитар Богов, во Вашингтон каде што учествуваше на пролетните средби на Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд.

Во изјава за МРТ во Вашингтон посочува дека ММФ предвидува дека оваа година Македонија ќе има економски раст од 3,6 проценти, но оти изразува загриженост поради политичките случувања. 

- Во однос на разговорите што ги имавме за македонската економија, деновиве ММФ излезе со проекција за економскиот раст во оваа година 3,6 проценти, што потврдува дека и тие гледаат дека македонската економија има здрав потенцијал за економски раст. Но беше искажана загриженост дека најновите политички случувања и политичката несигурност што владее во Македонија може да го загрози овој потенцијален економски раст, изјави Богов.

Гувернерот ги отфрла шпекулациите дека денарот ќе девалвира. Додава дека Народната банка има капацитет и може да испорача ценовна стабилност, стабилност на курсот на денарот и на банкарскиот систем. 

- Македонија 19 години има стабилен курс на денарот. Во овие 19 години бевме соочени и со многу поголеми предизвици од овие сега, така што укажавме дека Народната Банка има капацитети и може да испорача ценовна стабилност, стабилност на курсот на денарот и сигурност на банкарскиот систем. Така што не треба да има загриженост околу ова, не треба да се верува на шпекулациите. Значи инфлацијата во Македонија останува многу ниска, курсот на денарот останува стабилен, банките остануваат најсигурно место за штедење, истакна гувернерот Димитар Богов.