Македонија
23. May 2016 - 15:30

Богата програма за Деновите на духовната култура на Русија во Македонија

Со низа манифестации Амбасадата на Руската Федерација во Македонија ќе го одбележи 24 Мај -Денот на Светите рамноапостолни браќа Кирил и Методиј.

Рускиот амбасадор Олег Шчербак, денеска на прес-конференција во Скопје изјави дека овој празник се слави како еден од најважните национални државни празници во Русија, а во Македонија ќе биде одбележан со гостување на повеќе делегации и меѓународни афирмирани руски културно уметнички друштва - носители на национални и светски признанија.

-  Во одбележувањето на овој празник поаѓаме од тоа дека јазикот и писменоста се основа на културниот и духовнит код на секој народ, а тоа е особено важно во услови на современата глобализација. Без јазик и култура не е можно да се разбере современиот развој на народите и државите во перспектива. Токму зачувувањето на јазикот ни овозможува да се зачуваме во глобалниот свет и да ги одржиме нашите национални историски особености и традиции кои се од огромно значење денес, рече амбасадорот Шчербак.

Во Охрид или како што наведува тој, во културно историската престолнина на Македонија, на 25 мај свечено ќе биде отворен почесен конзулат на Руската Федерација во земјава.

- Се надевам дека по отворањето на конзулатот ќе се зајакнат културните, економските релации меѓу двете земји, а ќе придонесе и за развој на туристичките врски, вели рускиот дипломат.

На 26 мај во Домот на АРМ во Скопје ќе се случи свеченото отворање на Деновите на духовната култура на Русија во Македонија со концерт на хорот „Јарославија“ од државна филхармонија на градот Јарослав. Истиот ден во Порта Македонија ќе биде отворена изложба на детски слики „Душата на Русија“.

Наредниот ден концерт во Фојаето на Македонската опера и балет ќе одржи детското уметничко друштво „Отрада“ од Черноостровскиот манастир кој ќе биде дел од годинашната програма на Мајските оперски вечери.

Инаку, на 27 мај хорот Јарославија концерт ќе одржи и во црквата „Св.Софија“ во Охрид, а  ансамблот „ГРАД-Квартет“, пак, ќе одржи концерт во големата сала на Центарот за култура во Битола.

Во Лешочкиот манастир на 27 мај ќе се одржи церемонија по повод свечено откривање на спомен крстот подигнат во сеќавање на служењето на руското монаштво во Македонија. На свеченоста ќе присуствува и делегација од Вааламскиот манастир, еден од најстарите во Русија. Имено, монаси и монахињи од овој манастир во 20-те години од минатиот век служеле во Македонија и помогнале во обновата на монашкиот живот во земјава. Овој настан, како што вели амбасадорот Шчербак, ја носи симболиката на духовната блискост меѓу двата народа, рускиот и македонскиот и ја потврдува значајноста на зачувувањето на културата и јазикот.

Деновата на духовната културана Русија во Македонија ќе продолжат во текот на целиот месец, а ќе завршат со концерт на познатот руски ансамбл „Рус“ на 18 јуни. Влезот за сите манифестации ќе биде бесплатен.

Денот на рамноапостолните браќа Свети Кирил и Методиј традиционлано во Руската Федерација се одбележува со низа свечености низ целата земја, а централниот настан се одржува на Црвениот плоштад во Москва со голем концерт и обраќање на Поглаварот на Руската црква и Московски патријарх Кирил. Лани на концертот присуствувале 600.000 лица