Македонија
12. March 2020 - 14:56

Бочварски: Општина Штип презема дополнителни превентивни мерки

Општина Штип презема дополнителни мерки против ширењето на корона вирусот, истакна денеска градоначалникот, Благој Бочварски. Најави дека во утрешниот ден зградата на општината ќе биде темелно дезинфецирана, а во која покрај тоа што е сместена општинската администрација, во неа се и вработените на подрачаните единици на Министерствата и на Централниот регистер.

– Денеска остваривме контакти со превозниците од општинскиот превоз и со такси компаниите да побараме од нив да ги следат насоките и да апелираме да ги дезинфецираат автобусите и нивните возила. Така што можам да кажам дека нашата улога овде е да порачаме до граѓаните на Општина Штип и да ги повикам целосно да ги почитуваат препораките, вели Бочварски.

Тој истакна дека како општина не го редуцираат обемот на работа, но ги почитуваат препораките од Владата. Сите вработени кои имаат деца под 10 години, а кои посетувале училиште или градинка се ослободени од работните обврски.

Од утре, додаде тој, почнуваме и со дезинфекција на улиците, преку нашето јавно претпријатие и секој оној што може да даде дополнителен придонес, ние го повикуваме да се приклучи, но пред се граѓаните да ги следат препораките.

-Накоро ни доаѓа празникот Ч’трсе или посетата на тврдината Исар и од овде упатувам апел, а ќе ги следиме и во наредните денови насоките од Министерството за здравство. Тоа не е манифестација која ја организира Општина Штип, тоа е традиција што сами граѓаните си ја организираат и го посетуваат Исарот, затоа апелирам оваа година тоа да биде сведено на минимум, поради заштитата на граѓаните, бидејќи здравјето на граѓаните и на сите нас е пред се, вели Бочварски.