Македонија
18. December 2023 - 12:18

Бочварски: Кичево-Охрид ќе биде завршен

Извештајот за автопатот Кичево-Охрид од страна на експертите, кои треба да дадат свое мислење дали ќе продолжи изградбата на овој автопат со кинеската фирма „Синохидро“ или друга компанија ќе ги преземе градежните работи, е во изработка. Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски кој денеска беше на увид во градежните работи на брана на река Отиња во Штип најави дека извештајот го очекува во текот на неделава.  

-Јас очекувам во текот на оваа недела да биде доставен од страна на надзорниот орган и од страна на експертите до ЈПДП и до Министерството по што ќе побараме да биде разгледан тој извештај на седница на Влада и оттаму сите одлуки и идни чекори ќе ги носиме заеднички со Владата. Ќе ја презентираме целата моментална состојба, но овде таа презентација секако треба да дојде пред се и идните чекори треба да дојдат од експертите коишто ќе дадат насоки како да продолжиме со најдобрите решенија со цел овој автопат да биде завршен. Она кое што уште еднаш ќе го потенцирам – автопатот ќе биде завршен, но притоа мораме да ги запазиме сите процедури на експертите коишто ќе ги предвид и по оној план којшто ќе го дадат тие по тој план ќе работи и ЈПДП и Владата, вели Бочварски.

Прашан колкави би биле финансиските пенали кои државата би ги платила во случај на раскинување на договорот со „Синохидро“, Бочварски вели дека се уште не може да се зборува за раскинување на договорот и не може да се зборува за идните чекори се додека тој извештај не биде разгледан и притоа не биде донесена одлука од страна на Владата. Што се однесува за решавањето на проблемите и  свлечиштата на автопатот Кичево-Охрид, Бочварски вели дека на автопатот се работи таму каде што има фронт за работа.

-Тоа беше пораката и од страна на Владата и од мене и од ЈПДП до изведувачите дека тие имаат обврска да работат на секоја позиција каде што е отворен фронт за работа. Но, онаму каде што се јавиле потешкотии, свлечишта, одредени потешкотии во однос на проектната документација и техничките решенија, таму секако треба да се репроектира, да се дадат нови технички решенија и притоа да се даде налог за работа на изведувачите, изјави Бочварски.