Бочварски: Беса транс имала истечена лиценца за линиски превоз и користела изводи од други возила
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски попладнево на прес-конференција соопшти дека опожарениот автобус со регистарски таблици СК0284 БА кој учествуваше во сообраќајната несреќа во Република Бугарија не е пријавен од сопственикот во единствената електронска база на податоци на Министерството, за автобусот не поседувал извод од лиценца, а за превозот на патници користел неважечки извод кој се однесувал за друг автобус.
Според Бочварски, превозникот „Беса транс“ поседувал две лиценци за работа: лиценца за слободен превоз на патници во меѓународниот сообраќај со број 00701 за која е донесено решение да му биде одземена поради злоупотреба и лиценца за линиски превоз на патници во внатрешниот сообраќај со број 8528 која е истечена во октомври 2021 година, односно е неважечка.
Овие лиценци, нагласи Бочварски, се однесуваат на правното лице „Беса транс БТБ“ како фирма, а не на превозни средства.
– Во однос на поседување на изводите од лиценци за автобуси за слободен превоз на патници во меѓународниот сообраќај, превозникот „Беса Транс БТБ“, поседувал изводи од лиценци за четири автобуси, истакна Бочварски.
Согласно Законот за превоз во патниот сообраќај член 11 став 1, објасни министерот, превозникот може да почне да врши превоз на патници во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај откако ќе добие лиценца за фирмата и извод од лиценца за моторно возило.
– Превозникот ниту го пријавил, ниту побарал од Министерството за транспорт и врски извод од лиценца за опожарениот автобус и поради тоа не е евидентиран во единствената база на податоци. Друга работа што е многу важна а со која се шпекулира во јавноста е начинот како превозникот Беса Транс БТБ ја минувал границата. Изводот од лиценца со број 22679 што се јавува во електронскиот систем на Царинската управа а кој бил користен за опожарениот автобус при излез од земјата, е број на извод од лиценца на друго возило со други регистарски таблички, исто така сопственост на превозникот Беса Транс БТБ, потенцира Бочварски.
Тоа, дополни, јасно упатува дека превозникот вршел злоупотреба на извод од лиценца од друго возило, а во друг наврат ја прикажувал и лиценцата од фирмата и со тоа свесно ги прекршувал одредбите од Законот за превоз во патниот сообраќај.
– Поради тоа, веќе информиравме дека Министерството за транспорт и врски ја одзеде лиценцата за вршење на дејност на превозникот „Беса Транс БТБ“, нагласи Бочварски.
По барање на Обвинителството, Министерството за транспорт веќе ја предало целосната документација за превозникот „Беса Транс БТБ“ и во наредниот период ќе постапува според барањата и потребите на Обвинителството.
– Во однос на надлежностите на Министерството, веќе спомнав дека постапивме согласно Законот за превоз во патниот сообраќај и донесовме решение за одземање на лиценцата за работа и неможност за вршење на дејност. Превозникот има право на жалба, но жалбата не го одлага решението што значи дека тој има обврска да ја депонира лиценцата и изводите од лиценци назад во Министерството, дециден е Бочварски.
Ново на Сител
-
Забрана за товарни возила на Стража, Ѓавато и Маврово, задолжителна зимска опрема на патот Тетово-Попова Шапка
-
OJO: Предлог притвор за лицата кои се заканувале со оружје и експлозиви, па одзеле пари од продавницата „Нептун“
-
Мицотакис: Верувам дека Северна Македонија ќе сфати дека не во нејзин интерес да го следи ставот што создава проблеми со Грција
-
Романците денеска излегуваат на парламентарни избори во атмосфера на политички превирања
-
Трамп го нoминира лојалниот Каш Пател за шеф на ФБИ
-
Европската комисија „Фон дер Лајен 2“ стапува на должност
-
Македонските ракометарки го освоија првиот бод на ЕП 2024
-
Облачно со повремени врнежи од дожд и снег