Свет
12. March 2018 - 15:42

БНД: Балканската рута е повторно отворена

Германската Федерална служба (БНД) предупредува дека т.н. Балканска рута за криумчарење бегалци од Блискиот исток и Африка е повторно отворена, објави германското списание „Фокус“.

Дојче веле пренесува дека во текстот се наведува оти „од 2016 година бегалската рута преку Источна Европа би требало да е херметички затворена“, но дека „кримчарските банди одамна, повторно шверцуваат илјадници бегалци месечно“.

Во текстот на „Фокус“ се наведени примери на бегалци кои по Балканската рута стасале до Германија, пренесувани во камиони-ладилници и исфрлени како „илегален отпад“. Илегалните мигранти за ова „хорор патување“ платиле по 8.000 евра.

„Во една доверлива анализа на германската разузнавачка служба БНД се вели дека бројот на бегалци кои преку Балканската рута се префрлаат во Германија, од пред половина година е во постојан пораст. Според сознанијата на БНД, сега во земјата влегуваат просечно 15.000 луѓе годишно. Криумчарите така заработуваат и до 120 милиони евра - месечно“, се наведува во написот на „Фокус“. Во текстот уште се додава дека, според БНД. причина за зголемувањето на криумчарењето е, пред се, корупцијата.

„На некои гранични премини се инфилтрирани злосторници. Поткупени полицајци ги информираат трговците со луѓе за претстојните вонредни инспекции или едноставно го пропушаат камионите“, наведува „Фокус“.