Свет
5. March 2019 - 17:36

БМВ: Брегзит без договор може да го „избрка“ производството на „Мини“ надвор од Велика Британија

 Германскиот автомобилски гингант БМВ ќе го премести производството на автомобилите од марката Мини (Mini) надвор од Британија доколку Лондон ја напушти Европската унија без договор.

Ова денеска го изјави членот на управниот одбор на компанијата одговорен за марките Мини и Ролс Ројс, Петер Шварценбауер. Тој потврди дека автомобилите Ролс Ројс ќе продолжат да се произведуваат во Велика Британија независно од резултатот од Брегзит, затоа што тоа е британска луксузна марка.

Од друга страна, излез без договор ќе биде „огромен товар“ за марката Мини и германскиот автомобилски гигант може да побара преместување на производството на друго место. Во моментов, моделот Мини се произведува во фабриката на БМВ во Каули, југоистоично од Оксфорд.

Во септември минатата година БМВ соопшти дека планира затворање на таа фабрика за најмалку еден месец од 1 април 2019 година нагласувајќи дека е избран тој датум за да се совпадне со планираното напуштање на Велика Британија (29 март) и да се сведе на минимум ризикот од можен краткорочен прекин на испораката на автомобилски делови во случај на Брегзит без договор.