Свет
10. December 2024 - 7:57

Блумберг: Фејсбук-кампања стои зад победата на крајнодесничарскиот кандидат во Романија

Мрежа од страници на Фејсбук објавила над 4100 политички реклами со цел поддршка на крајнодесничарскиот кандидат за претседател на Романија Калин Георгеску, додека истовремено ја нападале проевропската кандидатка Елена Ласкони, објави Блумберг.

Кампањата била распоредена на 25 Фејсбук страници на организации чии веб-локации споделуваа хостинг, рекламирање и инфраструктура за е-пошта, што укажува на заеднички напори да се влијае на изборите, според извештајот на истражувачката група за дигитални закани Reset Tech) и Check First.

Не е јасно кој стои зад мрежата, која ги поттикна политичките објави на Фејсбук и Инстаграм со трошење за реклами до 264,909 евра, според извештајот, цитиран од Блумберг.

Екстремно десничарскиот независен кандидат Калин Георгеску изненадувачки победи во првиот круг од претседателските избори на 24 ноември благодарение на предизборната кампања базирана првенствено на социјалната мрежа ТикТок.

Георгеску тврди дека не потрошил ниту една леи за кампањата.

Изборите беа поништени од Уставниот суд откако на состанокот на Врховниот совет за национална одбрана беа претставени разузнавачки извештаи во кои се вели дека Романија била цел на „агресивни руски хибридни акции“ за време на изборниот процес.

Романските власти моментално ја истражуваат изборната кампања на Георгеску, а целиот процес на избор на шеф на државата ќе започне од почеток.

Изненадувачката победа на проруски ориентираниот Георгеску, чие учество во изборната трка беше во рамките на статистичка грешка пред денот на гласањето, го привлече вниманието на улогата на социјалните мрежи.

Романските власти се фокусираа на платформата ТикТок на кинеската компанија ByteDance Ltd. , обвинувајќи ја дека му дава масовна видливост и повластен третман на тогаш малку познатиот Георгеску.

Извештајот на „Reset Tech“ и „Check First“ укажува на тоа дека напорите да се влијае на изборите е поголем, според телевизијата Диџи 24.

Авторите на извештајот, цитиран од Блумберг, забележуваат дека иако вниманието е фокусирано на ТикТок, новите докази сугерираат дека платформите на Мета – Фејсбук и Инстаграм, се користени за ширење на агресивни политички пораки, непроверени тврдења и поларизирачки наратив.

Мета одби да ја коментира содржината на извештајот.

Претседателот за глобални прашања на компанијата, Ник Клег, минатата недела рече дека немаат докази за „големи инциденти“ на нивните платформи во врска со Романија.

Според неговата изјава, цитирана од Еуроњуз и Диџи 24, Ник Клег рече дека компанијата е во „речиси секојдневен“ контакт со романските власти.

Рекламите опишани во извештајот го прикажуваат Калин Георгеску како „патриотски претседател“ кој ја штити нацијата од политичкиот режим.

Лидерката на Сојузот за спас на Романија, Елена Ласкони е опишана како „ѓавол“ и марионета на Западот, а актуелниот шеф на државата Клаус Јоханис како „диктатор“ поради поддршката за Ласкони.

 Истражувачите ја идентификуваа кампањата користејќи ја рекламната библиотека на Мета, иницијатива за транспарентност која обезбедува детални информации за огласувачите кои ги користат платформите на компанијата.

Тие проценуваат дека од август досега рекламите се прегледани околу 199 милиони пати.

Профилите на регистрираните огласувачи имале Фејсбук страници со администратори лоцирани првенствено во Романија и се претставувале како информативни или забавни страници.

Но, сајтовите немаа правно лице ниту импресум, а многу од нив биле поврзани со заеднички IP адреси, идентичен веб-дизајн и заеднички конфигурации за е-пошта и рекламирање, што укажува на централизирана структура на управување, се вели во извештајот.