Балкан
16. February 2017 - 17:45

„Блиц“: Замрзнати односите меѓу Николиќ и Вучиќ

Односите меѓу српскиот претседател Томислав Николиќ и премиерот Александар Вучиќ се во прекин од синоќа, по објавувањето на неофицијалната информација дека актуелниот шеф на државата има намера да се кандидира за втор мандат, иако нивната партија завчера реши за кандидат за претседател да го предложи првиот човек на Владата на Србија, објави белградскиот весник „Блиц“.   

Весникот наведува дека Николиќ и Вучиќ прекинале секаква комуникација по синоќешниот прием по повод Денот на државноста, на кој само куртоазно се поздравиле и размениле неколку збора.

„Блиц“ тврди дека од кабинетите на Николиќ и Вучиќ доаѓаат сигнали дека работите отишле предалеку и дека „нема враќање назад“.

Според весникот, во Кабинетот на премиерот биле „шокирани“ од одлуката на Николиќ да се кандидира за претседател. Иако Николиќ претходните денови укажуваше дека нема намера да се предаде без норба, сепак никој не очекуваше отворена војна против Вучиќ, наведува „Блиц“.  

Вучиќ наводно бил навреден што Николиќ не му јавил прво нему за да му каже дека планира да се кандидира за претседател.

- Вучиќ нема намера да го повика Николиќ, а не ни очекува повик од него, бидејќи веќе и не го интересира, изјавил извор од српската Влада за „Блиц“. 

Весникот истакнува дека контактот меѓу Николиќ и Вучиќ сега е сведен на писмото кое пред два дена шефот на државата му го упатил на премиерот, во кое наведува што бара во замена за повлекување од претседателската трка.

Според анонимен извор на „Блиц“, кој имал увид во писмото, Николиќ како услов за повлекување од претседателската трка барал Вучиќ „да му врати се она што тој му препуштил“ кога стана претседател, односно местото лидер на владејачката Српска напредна партија (СНС), но и функцијата премиер. 

Николиќ минатата недела во интервју за неделникот НИН наведе дека би можел да ја преземе премиерската функција, ако за тоа се договори со Вучиќ, но оти не верува во таквата можност.

- Зошто Вучиќ од највлијателната функција би преминал на местото претседател на Србија? Зарем ќе се однесува како (поранешниот српски претседател Борис) Тадиќ, па од претседателскиот кабинет да ја води и Владата и да најде слаб премиер? Тоа не е својствено за Вучиќ. Единстевно ако јас и тој се договориме јас да ја водам Владата, па тогаш мене да ми кажете дека сум диктатор, рече Николиќ во интервјуто. 

Тој натаму ја отфрла можноста да ја напушти СНС доколку не биде кандидиран за претседател и да формира нова партија. - Мене не ми треба да правам нова партија. СНС е последната портија што јас ја формирав во мојот живот, додаде Николиќ во интервјуто.

Претседателството на СНС во вториникот едногласно реши партиски кандидат за претседател на Србија на претстојните избори да биде премиерот Вучиќ.

По ова, Б92 синоќа, повикувајќи се на извори во кабинетот на Николиќ, јави дека актуелниот претседател сепак решил да се кандидира на претседателските избори, иако за својата кандидатура не доби поддршка од неговата партија. 

Николиќ на неговиот налог на Твитер само напиша: „Нема поместување, ниту повлекување“, споделувајќи заедничка фотографија со Вучиќ од приемот по повод Денот на државноста.

Српскиот претседател вчера изјави дека не е изненаден од „резултатот на гласањето“ на Претседателството на СНС, а на новинарско прашањето дали се откажува од кандидатурата, само кусо одговори: „Ќе се договориме“.