Фудбал
16. јуни 2017 - 9:19

Благоја Милевски: Без разлика на исходот од ЕП овие фудбалери се иднина на македонскиот фудбал

 
 Селекторот на репрезентацијата на Македонија за фудбалери до 21 година, Благоја Милевски истакнува дека неговите избраници имаат што да покажат на собирот на дванаесетте најдобри селекции во Европа, и дека без разлика на постигнатиот резултат на првенството овие играчи се иднината на македонскиот фудбал.
 
- Работевме и на психолошка подготовка, но овие фудбалери се талентирани не само фудбалски, туку и карактерно. Веќе докажаа дека можат да се носат со притисокот од овој тип, а без разлика на расплетот на ова првенство, овие фудбалери остануваат иднина на македонскиот фудбал“, изјавил селекторот за официјалната веб страница на Македонската фудбалска федерација (ФФМ). 
 
Меѓу другото во интервјуто селекторот Милевски се осврнува и на квалитетот на противниците, но како што истакнува ќе се оди чекор по чекор, од натпревар во натпревар, а за првиот противник Шпанија, селекторот вели – „Шпанија е состав кој секако може да промени многу работи на теренот, но реков, ние се подготвуваме и ќе се концентрираме првенствено на себе и на своите задачи. На тој начин станува помалку важно во кој состав игра противникот. Имаме самодоверба и подготвени го чекаме почетокот“.
 
За очекувањата на македонската јавноста и поддршката кои овие момчиња ја имаат во обид да остварат голем резултат Милевски смета дека неговите избраници пред се ќе мора да уживаат во најголемиот момент кој им се случува во нивните кариери, потоа да одиграат најдобро што можат, па на крајот ќе се види каков ќе биде учинокот. 
 
- Се разбира дека сите ние добиваме голем број информации и вести, овој тим го следат многу луѓе и медиуми. Тоа е убаво заради поддршката, но работиме на тоа да им го олесниме товарот кој го носи притисокот. Сите им посакуваат добро, сакаат да им дадат поддршка, а овие фудбалерите се наша иднина, но и прекрасни момци. Имаат прилика да играат на Европско првенство и би било штета да им помине во нервоза и страв. Мораат да уживаат во тоа“, дополнува Милевски. 
 
Македонија го отвора Европското првенство на 17 јуни против Шпанија на стадионот во Гдиња (20:45 часот), а во второто коло на 20 ј уни играме против Србија, а потоа на 23 јуни не чека последниот натпревар во групата против Португалија