Македонија
31. August 2018 - 15:14

Благоја Чоревски - лауреат на 10. Меѓународен театарски фестивал „Св. Јоаким Осоговски“

Истакнатиот македонски актер, Благоја Чоревски е годинашен лауреат на Mеѓународниот театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски“, што јубилејно по десетти пат ќе се одржи од 14 до 22 септември во Крива Паланка.

Благоја Чоревски потекнува од актерско семејство, Факултет за драмски уметности завршил во Софија, а работниот век го поминал во Драмскиот театар Скопје.

- Престижното признание „Свети Јоаким Осоговски“ за мене претставува голема чест од повеќе причини. Најпрвин поради фактот што го носи името на еден исклучително значаен светец во православието ширум светот кој бил познат и по своите исцелителни моќи, потоа заради огромното духовно и културно значење  на еден од најубавите манастири во Република Македонија и секако затоа што сум вклучен меѓу знаменитите досегашни добитници на оваа награда како што се Милица Стојанова, Мето Јовановски, Зафир Хаџиманов, Јордан Плевнеш, Јелена Жугиќ, Петар Темелковски, Шенка Колозова – истакнал Чоревски по веста дека е добитник на наградата, пренесуваат општинските служби.
 
Во текот на својата долгогодишна актерска кариера има остварено значајни улоги во многу драмски, телевизиски, филмски и радио проекти. 
 
Негови препознатливи театарски улоги се оние  во претставите: „Болва во уво“, „Полтена штица“, „Јадигар“,  „Дупло дно“, „Карамазови“, „Крал Иби“, „Викенд на мртовци“, „Коприварник“ и многу други. Истакнати филмски улоги се оние во филмовите: култниот - „Исправи се Делфина“, „Пресуда“, „Време“, „Викенд на мртовци“, „Тетовирање“ и „Самоуништување“.
 
Добитник е на десетици награди и признанија за најдобро актерско остварување, добитник е на награда за животно дело „Петре Прличко“ и Награда за животно дело на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, Прилеп. Чоревски извршувал и одговорни општествени функции: директор на Драмски театар – Скопје, заменик - министер за култура на Република Македонија и претседател на Советот на град Скопје.

Наградата лауреат ќе му биде врачена на свеченост на 14 септември, на отворањето на годинашното издание на Меѓународниот театарски фестивал „св.Јоаким Осоговски“, Крива Паланка.

Годинава на фестивалот ќе бидат изведени осум претстави : Македонија, Србија, Хрватска и Бугарија. Во придружната програма ќе бидат промовирани неколку книги од областа на театарот, а ќе бидат отворени и неколку изложби на фотографија.