Македонија
27. February 2021 - 8:25

Благ пораст на бројот на новозаразени, вкупно 101.762 случаи во КОВИД-годината

– Со статистиката од вчера за новите 554 заразени, корона-годината во земјава е заокружена со 101 762 дијагностицирани. Од ланскиот 26 февруари, кога беше откриен првиот случај и е почеток на епидемијата кај нас, направени се 516 169 тестирања за КОВИД-19. Оздравени се 90 895, а починаа 3119 пациенти.

Како и во регионот, критично беше во есенскиот, втор бран, кога покрај високиот број новозаразени дневно, беа и деновите со најбројни смртни случаи: 40 на 16 ноември и 46 на 9 декември 2020. Минатата пролет трката во светот беше за респиратори, а сега главен предизвик се вакцините и начините и напорите да се набават.

Од најавуваните три механизми, засега во земјава се стигнати само  вакцините „Фајзер“ што ни ги отстапи Србија и се наменети за медицинскиот кадар ангажиран за ковид-пациентите. Нивната имунизација почна пред десет дена, а за помасовна се чекаат пратките од кинескиот „Синофарм“ и вакцините од „Фајзер“ од договорот склучен со овој производител. Дотогаш граѓаните може да пријавуваат само интерес за примање вакцина, на веб-страницата vakcinacija.mk и кај матичните лекари.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера рече дека е одложено за неколку дена доаѓањето на кинеските 200 000 вакцини, првично најавени за средината па за крајот на месецов. Соопшти дека е потпишан договорот за набавка на руската вакцина „Спутник В“ и дека течат разговорите со производителот, а за да се забрза набавката се ангажирал и рускиот амбасадор во земјава Сергеј Баздникин.

За кинеските „Синофарм“ и за вакцините на „Фајзер“ во тек се финални прашања, рече министерот, напомнувајќи дека треба да се остави резерва зашто досега се покажало  дека производителите секогаш имаат дополнителни прашања.

Во меѓувреме, се бележи лесно зголемување на бројот на заразени и раст на РО-факторот на преносливост на 1,3. Според Филипче, тоа се должи на собири на јавни места и во угостителски објекти, а со убавото време, рече,  многу граѓани не носат заштитни маски и не ги почитуваат мерките за дистанца.

Анализата на вирусот кај новодијагностицираните покажала дека кај 70 проценти  се работи за т.н. британски сој. Најмногу има во Кавадарци, Прилеп и Охрид, каде што, според вчерашната статистика, се и најбројните активни случаи по Скопје (Прилеп има 604, Кавадарци – 559, Охрид – 403).

Министерот на прес-конференцијата кажа дека се прави анализа по региони и кога ќе биде завршена ќе се види дали ќе бидат препорачани дополнителни рестриктивни мерки, дали ќе има за одделни градови и региони и нешто што ќе важи за територијата на целата држава.

-Сега не можеме да бидеме сигурни дали тоа ќе биде тренд и ќе продолжи и понатаму или е само некој минибран кој се случува овие денови, изјави Филипче.

Во болниците низ земјава (на инфективните оддели и во ковид-центрите), се хоспитализирани 675 пациенти заразени или сомнителни на коронавирусот, од кои 253 во главниот град и 422 во другите градови. Министерството за здравство соопшти дека има 370 празни болнички кревети.

Од 554-те нови случаи во вчерашниот здравствен билтен, кои се потврдени од 3477 тестирања, 258 се од Скопје. Вчера беа евидентирани и осум починати луѓе, на возраст од 64 до 77 години,. Оздравени се 210, а активни во целата земја се 7748 случаи, од кои речиси половина (3421) се во Скопје.