Бизнис
19. January 2022 - 21:15

Бизнисот со производство на најлонски кеси пропаѓа - дали Министерството за екологија е задоволно од мерката?

За 70  отсто намалена продажбата на пластични кеси, дел од фабриките ги затвораат погоните. На речиси два месеци откако почнаа да се наплаќаат по 15 денари, ова е сликата во бизнисот со кеси. Зулкарни Јусуфи е само еден од дејноста кој се одлучил да стави клуч на врата на својата фирма. Вели цената е превисока за кај нас, не е единствен и очекува во следниот период и други да затворат. 

И на страниците за огласување може да се забележат доста огласи за продажба на машини за производство на кеси.

Јусуфи смета дека со мерката не се постигнало ништо. Вели, од една страна, продажбата на пластични кеси е драстично намалена, но од друга, зголемена е побарувачката на црните кеси за ѓубре, кои исто така се пластични и се увезуваат.

Од Министерството за животна средна за Сител посочија дека трговците веќе до нив имаат доставено извештаи од продажба на кеси. Има и уплати на средства во фондот, но колку точно се продадени по зголемувањето на цената и колку пари се собрани во фондот, од министерството анализите ќе ги направат деновиве и ќе соопштат во јавноста.

Според информациите на Сител финансискиот ефект е занемарлив во однос на пропаднатите бизниси.

Од први декември пластичните кеси се продаваат по цена од 15 денари. Дел од парите од продажба одат во посебен фонд и ќе се користат за инвестиции во животна средина и за вложување во свеста на граѓаните како да менаџираат со отпадот. Но според надлежните главната цел не е да се собираат пари туку да се промени начинот на пазарење, а граѓаните да обрнат внимание на загадувањето на животната средина.

Инаку до крајот на оваа година ќе се продаваат окси биоразградливи кеси, а веќе од следната година треба да бидат целосно биоразградливи. Производителите велат дека суровините за овие кеси се потешко се наоѓаат и затоа очекуваат состојбата во секторот да биде уште полоша.