Бизнис
14. August 2019 - 19:38

Бизнисот бара разумни чекори при носењето одлуки за забрани за увоз

Бизнисот бара наместо бариери, регионот да се стреми кон продлабочување на меѓусебната соработка, особено во делот на трговската размена. Со цел бизнисот да не трпи штети, очекуваат покоректен пристап и од Македонија, но и од Косово, во врска со забраните за увоз, без разлика на причината поради која што се донесени.

“Од која било страна не треба да се воведуваат рестриктивни мерки кои би имале негативно влијание врз бизнисот. Туку, напротив, треба надлежните институции да седнат заеднички и да ги решат проблемите. Имено, секое кочење, било тоа да е привремена мерка, владини, невладини бариери, имаат негативно влијание врз бизнисот и ние се противиме на тоа”, вели Дрилон Исени, извршен директор на Стопанска комора на Северпозападна Македонија.

Од Комората очекуваат позитивна разврска по предупредувањето од Приштина дека целосно ќе забрани увоз од земјава, доколку Македонија не ја повлече бариерата за увоз на икри и млади риби од Косово.

“Немаме направено некаква анализа, ама се надеваме дека нема да има потреба и дека ќе владее разумот од двете страни со цел да немаме слични ситуации во иднина. И двете држави треба да гледаат кон економијата со заеднички интерес и со меѓусебно разбирање. Спомнав дека секоја мерка што ќе се преземе од страна на Владата треба благовремено да се известуваат бизнисите со цел да не трпат. Секако, ние се стремиме кон ЕУ и правилата треба да бидат униформни, во духот на спогодбата на ЦЕФТА”, објаснува Исени.

Земјава не дозволува увоз на икри и млади риби од Косово поради тоа што за овие производи нашиот сосед не се наоѓа на безбедната листа на Светската организација за здравствена заштита. Надлежните не очекуваат ситуацијата да ескалира бидејќи, како што велат, се во постојана комуникација со своите косовски колеги со цел да се дојде до решение.